Мени

По пет месеци продолжи реконструкцијата на улицата „Веселин Вујовски“

27.02.2026 09:06 | Сузана Николиќ

Продолжи реконструкцијата на улицата „Веселин Вујовски“, која повеќе од пет месеци беше раскопана и претставуваше сериозен проблем за движење на жителите. 

По пет месеци продолжи реконструкцијата на улицата „Веселин Вујовски“

По објавувањето на текстот на Кумановоњуз, веќе наредниот ден на терен излегле екипи од претпријатието и започнале со работа. Досега се поставени рабници на тротоарот, а работите се одвиваат без прекин.

„По вашата реакција, утредента, на 19 февруари, на терен излезе тимот одговорен за реконструкцијата на нашата улица и од тој ден работат без прекин и без никаков проблем. Бидејќи сме во месецот Рамазан, се надеваме дека празникот Рамазан Бајрам ќе го дочекаме со завршена улица, за да можат да ни дојдат гостите и да славиме со една причина повеќе“, вели еден од жителите на улицата.

Улицата „Веселин Вујовски“ се наоѓа на околу два километри од центарот на градот, долга е околу 100 метри и ја поврзува населбата „Бараки“ со улиците „Д-р Рибар“ и „Поток Серава“. Реконструкцијата започна во септември, пред изборите, но потоа пет месеци беше во заглавена поради замена на подземен кабел на ЕВН.

„Работата почна на 29 септември 2025 година, а денес е 17 февруари 2026 и сè уште не е завршена. Овде живеат стари луѓе и жени со мали деца, а има кал до колена. Не се поминува ни пеш, ни со возило. Ако ни затреба брза помош или пожарна, нема шанси да стигнат до куќите. Не сакаме само да се жалиме, но ова е претерано. Не знам што е толку спорно за да се чека пет-шест месеци за асфалтирање улица долга помалку од стотина метри“, изјави претходно еден од жителите.

Од Општина Куманово тогаш ни одговорија дека причината за доцнењето е подземен енергетски кабел на ЕВН, кој требало да се дислоцира, додека жителите тврдеа дека кабелот е веќе заменет и дека се чека на фирмата-изведувач.