Мени

Почина Јасмина Зисовска, историчарка на уметност од Куманово

05.04.2026 21:57 | KumanovoNews

Денеска, на 67-годишна возраст, почина Јасмина Зисовска, историчарка на уметност од Куманово.

Почина Јасмина Зисовска, историчарка на уметност од Куманово

Родена е на 28 февруари 1959 година во Куманово. Дипломирала на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, на групата историја на уметност со археологија.

Најголем дел од својата кариера го поминала во Народниот Музеј – Куманово како кустос, каде работела на истражување на сакралното наследство и современата уметност. Учествувала во бројни изложби и е коавторка на каталогот „Иконите во Кумановско“ и авторка на текстови за „Црковни споменици во Кумановскиот крај“.

Од 2005 до 2019 година работела во Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура, по што повторно се вратила во Музејот во Куманово, каде останала до своето пензионирање во 2021 година. 

Зисовска зад себе остави значаен придонес во заштитата и промоцијата на културното наследство во Куманово, а особено се залагаше за заштита на Манастирот „Пресвета Богородица“ во Матејче, кој беше оштетен во конфликтот во 2001 година.

„Не можеа да ме спречат ниту сериозните здравствени проблеми да не отидам на патрониот празник во манастирскиот комплекс во нашето Матејче, да присуствувам на чинот на сечење на славскиот колач и повторно да ги слушнам црковните ѕвона. Тоа е мој порив и мој завет“, ни рече Зисовска на 21 септември 2024 година кога беше во манастирската црква, почитувајќи ја вековната традицијата посветена на овој храм. 

Зисовска, пред 6 години на својот фејсбук профил објави видео додека го влече јажето на црковното ѕвоно кое силно одекнува низ импозантниот, но руиниран црковен простор, прашувајќи „За кого ги бијам камбаните, ќе ме чуе ли некој?“

„Се додека ме држат нозете ќе одам во Матејче и ќе ги бијам камбаните, ќе бијам се додека не ме чуе некој“, велеше тогаш Зисовска.