Почна препукувањето помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу кандидатите за градоначалник на Куманово
„Куманово не смее да падне во рацете на Костовски“, кажа Петрушевски. „Јас не сум ти крив што не си кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ“, му возврати Костовски.

Со објавување на имињата на кандидатите за градоначалник на Куманово, се отвори фронтот за партиски препукувања и напади на најголемите политички партии пред Локалните избори.
Кандидатури засега најавија актуелниот градоначалник Максим Димитриевски од ЗНАМ и Мартин Костовски од СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски вчера на прес конференција кажа дека Куманово не смее да падне во рацете на Мартин Костовски, бидејќи тој е дел од структурата која со години ја турка Македонија во погрешна насока.
Тој го обвини Костовски, дека како директор на Службен весник го објавил Законот за двојазичност без потпис на претседателот, ја вработил сопругата во МНР, нападнал учесник на протестите „За заедничка Македонија“, вработувал членови на семејството и почнал да гради зграда во центарот на Куманово.
„Без резултати. Без дела. Само слепа партиска послушност, лични интереси и џабе потрошен четиригодишен пратенички мандат, по кој и понатаму ужива финансиски привилегии преку апанажа. Куманово не смее да падне во рацете на човек со вакво минато. Куманово заслужува чесност, отчетност и визија, работи кои Мартин Костовски не може да ги понуди“, кажа Петрушевски.
Мартин Костовски му возврати дека неговата кандидатура внела голема нервоза во белата палата, а човекот кој е против „сиромашните работници и повисоки плати“, врти стари лаги и клевети. За истите клевети, кажа дека веќе има и судска одлука - Петрушевски го изгубил спорот првостепено и треба да му плати оштета од 2.500 евра, кои ќе ги донира.
„Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина. Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики“, напиша Костовски.
Тој му кажа на Петрушевски дека не му е крив што не е кандидат за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, и затоа му порача да седи во Парламент и да си ги троши парите.
Другите партии меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ се` уште немаат кандидати за градоначалник. Најголема неизвесност е што официјално нема поддршка за коалицискиот партнер Димитриевски, иако неофицијално, и она што може да се заклучи од изјавите во партијата дека тоа е завршена работа. Вчера лидерот Христијан Мицкоски на прес конференција кажа дека преговорите со ЗНАМ за Куманово и Центар уште траат, но дека договор е да си дадат поддршка за кандидатите за градоначалник, а ќе одат со посебни листи за советници.