Мени

Почна со работа дневната болница на детското одделение во Куманово

20.11.2025 10:09 | KumanovoNews

Пуштена е во употреба дневната болница на детското одделение во Општа болница Куманово.

Почна со работа дневната болница на детското одделение во Куманово

Просториите на вториот кат, кои некогаш ги користеше гинеколошкото одделение, сега се адаптирани и опремени за потребите на детскиот оддел.

Средствата за реновирање и опремување ги обезбеди Ротари клуб Куманово со поддршка од Ротаракт клуб и Инервил клуб Куманово.

„Донацијата се состои од два дела. Првиот дел опфаќа медицинска опрема како аспиратори, ЕКГ дигитален апарат, инхалатори, топломери, ваги – сè што е неопходно за подобрување на квалитетот на услугата за дечињата кои се лекуваат на детското одделение. Вториот дел од донацијата се однесува на реновирањето на проширениот амбулантски дел, поранешните киретажи, со што добивме две нови амбуланти опремени со нов инвентар и опрема, како и нова дневна болница“, изјави началничката д-р Маргица Арсовска, која се заблагодари на донаторите и раководството на болницата за придонесот во подобрувањето на квалитетот на услугите за пациентите и условите за работа на персоналот.

Покрај Ротари Куманово, помогнаа и неколку општествено одговорни компании и физички лица. 

„Ова е од огромно значење за болницата, затоа што го одделивме стационарот на детското одделение од дневната болница. Тоа е добро за организацијата на нашите вработени и пред сè за пациентите“, изјави Сашо Стошевски, директор на Општа болница Куманово.

Тој истакна дека посебни заслуги во оформувањето на дневната болница имаат вработените на детското одделение, кои секојдневно обезбедуваат здравствена помош и нега за најмалите пациенти.

Претставничката на Ротари клуб Куманово, Фросина Ефремовска, вели дека овој проект е многу значаен затоа што носи трајни промени во заедницата, и дека и понатаму ќе работат на вакви и слични хумани проекти.

(Фото: ТВ Плус)