Поскапе такси-превозот во Куманово, стартот ќе чини 100 денари
Ќе се зголеми цената на такси-превозот во Куманово, откако Советот на Општината денеска го прифати барањето на такси-превозниците за корекција на цената на услугата.
Со новата одлука, стартот на возењето ќе се зголеми за 20 денари и ќе изнесува 100 денари, во што се вклучени два километри. Секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари.
Раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска, рече дека барањето на такси-превозниците трае подолго време и се темели на зголемените трошоци за работа, пред сè поради минималната плата и цената на горивата.
„Од тие причини сметаме дека нивното барање е оправдано и затоа цената ќе биде 100 денари за првите два километри, а секој нареден ќе се наплаќа по 40 денари. Досега беше 80 денари старт и 20 денари по километар“, кажа Ланг Спасовска.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, рече дека имале средба со превозниците, кои барале повисоки цени, но било постигнато решение што е најприфатливо за граѓаните.
„Покачувањето е многу помало од тоа што го бараа превозниците, кое се движеше околу 30 отсто. Ова што Општината го предложи е најприфатливо за граѓаните. Јас мислам дека со овие цени таксистите ќе можат да си обезбедат пристојна плата“, кажа Ѓорѓиевска.
Таа додаде дека сè уште има таксисти кои работат на црно, што претставува нелојална конкуренција за лиценцираните превозници, и повика сообраќајната инспекција да ја санкционира оваа појава.