Потпишан меморандум за соработка меѓу Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и Гимназијата „Гоце Делчев“
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и Гимназијата „Гоце Делчев“ потпишаа меморандум за соработка, со кој се предвидува учениците да се вклучат во збогатување на културниот и социјалниот живот на корисниците на Домот.
Директорот на Домот „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, посочи дека двете институции веќе неколку години реализираат заеднички активности, а со меморандумот соработката ќе биде дополнета и проширена.
„Овој меморандум е насочен кон поттикнување на меѓугенерациската солидарност, надминување на стереотипите меѓу младите и старите лица, подобрување на социјалниот живот и развивање на емпатијата“, изјави Крстевски.
Од Гимназијата „Гоце Делчев“ велат дека учениците ќе организираат различни работилници со корисниците на Домот, меѓу кои ликовни и литературни работилници, како и активности поврзани со подготовка нa храна, со цел збогатување на нивниот културен и социјален живот. Нема да изостанат и традиционалните одбележувања на Нова година, Божиќ и Осми март, но планиран е и поголем заеднички настан за почетокот на октомври.
„Мора да го пофалам нашиот ученички парламент, кој самоиницијативно реализираше многу хуманитарни акции со лицата сместени во Домот за стари лица, по повод различни празници“, рече директорката Марија Тодоровска.
Таа објасни дека од оваа учебна година секој ученик има обврска да реализира 36 часа општокорисна работа во локалната заедница, а една од активностите ќе биде насочена кон корисниците на Домот „Зафир Сајто“.