Признание за Кумановоњуз на Интернационалниот фестивал „Интерфер“ во Белград
Репортажата „Карабичане“ на Кумановоњуз доби плакета за најдобра интернет-репортажа на Интернационалниот фестивал за репортажа и медиуми „Интерфер – Златна Ника“ во Белград.
Репортажата „Карабичане – кумановско Краљево са тврђавом која чува тајне“, на српски јазик, од авторката Сузана Николиќ, е наградена во категоријата за репортажи објавени на интернет портали.
Во неа се зборува за пограничното село Карабичане, кое има богата историја, традиција и бројни неистражени археолошки локалитети. Според преданијата, селото било опколено со тврдина – кале, која го штитела од непријателите. Во минатото, имало и три цркви, од кои едната воопшто не постои, а другите две „Света Троица“ и „Свети Ѓорѓи“ се во урнатини. Иако се наоѓа на само 15 километри од Куманово и е опкружено со прекрасна природа и неистражени локалитети, селото живурка со едвај петнаесетина жители во пет куќи, без основната инфраструктура...
Наградите „Интерфер“ беа доделени викендов во Прес-центарот на УНС во Белград, во категориите телевизиска, радио, новинска, интернет, фотографска и општествено одговорна репортажа.
„Ова е можност новинарите да ја покажат својата умешност за сликање и раскажување истовремено. Репортажите ги пишуваат големите мајстори. Репортажата е најценетата категорија во новинарството. Луѓето што прават телевизиска репортажа имаат среќа што видеото го покажува она што сакаат да го прикажат, а оние што пишуваат новински репортажи тоа мора да го направат со душа“, изјави претседателот на жирито, академик Перо Зубац, српски новинар и книжевник.

Наградата „Гран при Златна Ника – Божица на победата“ годинава му беше доделена на Ѓорѓе Славковиќ , за телевизиска репортажа „Где је дивља трава, ту је бистра глава“ на РТС.
Меѓународниот фестивал на репортажа и медиуми „Интерфер – Златна Ника“ е единствениот фестивал во Србија што ги промовира највисоките вредности на новинарството преку репортажата. Годинешното, 31. издание собра истакнати автори, добитници на награди, поранешни лауреати и бројни пријатели на фестивалот. Наградите беа доделени за остварувања што се издвојуваат по својата храброст, оригиналност и силно општествено влијание. Покрај од Србија фестивалот ја промовира и работата на новинарите од регионот.