Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во фоајето на Центарот за култура во Куманово, утре во 19 часот ќе се одржи промоција на Монографијата „75 години Театар Куманово“. На монографијата е работено една година, а негови автори се Кети Дончевска-Илиќ, Симона Тоскиќ, Сашо Костовски и Зоран Зафировски.
Со делото се прави обид на едно место да се собере архивски материјал,слики и приказни за минатите 75 години од постоењето и работењето на театарот.
„Нашите колеги цела година работеа на собирање и средување на материјали, слики и изјави, сортирање и едитирање за да се добие впечатлив и достоинствен производ кој ќе ја отслика приказната на Театар Куманово. Сега доаѓа и време тоа да го претставиме на публиката“, изјави директорот Сашо Тодоровски.
Промотор на делото ќе биде театарскиот критичар Тодор Кузманов.
Во програмата на промоцијата на Монографијата „75 Години Театар Куманово“ ќе учествуваат или ќе бидат поканети сегашни и пензионирани актери, поранешни вработени и семејства на оние тетарски дејци кои се починати, но оставиле неизбришлив белег во работењето на културната институција.
Монографијата е издадена под покровителство на Министерството на култура и неколку правни лица како спонзори на делото.