Мени

Промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески во Куманово

11.05.2026 09:36 | KumanovoNews

Во фоајето на НУЦК „Трајко Прокопиев“ - Куманово, вечерва со почеток од 19:00 часот ќе се одржи промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески. 

Промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески во Куманово

„Немам страв“ е психолошки роман за границата меѓу фантазијата и вистината. Книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност. Романот го поставува прашањето дали уметноста може да го замени животот - и дали тоа право секогаш ни припаѓа. 

Романот ќе го промовираат проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Октај Ахмед.

Извадоци од романот ќе читаат: Ана Манасиевска, Јована Лазаревска, Ива Додевска и Теодора Николовска.

Вечерта ќе биде збогатена со ликовна точка од страна на Ален Милковски, како и со музички точки од страна на Софиа Јелена Ковачевска, Јован Цветковиќ и Иван Спасовски.

Трајче Стамески (1975, Скопје) е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови. Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност.