Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработени во Општа болница Куманово, членови на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, протестираа денеска од 10 до 10.30 часот. Протестот беше за време на паузата, поради што немаше прекин во работата со пациенти.
Медицинскиот и техничкиот персонал на јавните здравствени установи се одлучија да го искажат своето незадоволство на Денот на здравјето, затоа што не е потпишан анексот на колективниот договор, што ќе значеше и покачување на нивните плати.
„За нас нема усогласување на плати согласно Законот за минимална плата и корекција на коефициентите, откако не се потпиша анексот на Колективниот договор, па моравме да се бунтуваме. Во Општа болница Куманово има повеќе од 200 наши членови, но сите вработени чувствуваат последици по животниот стандард. Сметаме дека не треба да сме на маргините на општеството, но и дека пацинетите не смеат да трпат, затоа денеска непрекинато работиме“, истакна Сузана Атанасовска, синдикален претставник на ЈЗУ Општа болница Куманово.
Претставници на вработените присуствуваа и на протестот во Скопје.
На национално ниво здравствениот синдикат брои повеќе од 8 илјади членови.
Штрајкот е поддржан од Синдикатот на Клинички центар и Самостојниот синдикат на Македонија, а се одвива под паролата „Здравство на протест за плати“.