Општина Куманово распиша конкурс за избор на сувенир за 2025 година
Општина Куманово распиша конкурс за избор на сувенир на градот за 2025 година.
Сувенирот мора да има елементи на препознатливост, да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово и да биде прилагоден за масовно производство, а наменет е за туристичка промоција на градот.
„Општина Куманово ги поканува сите заинтересирани правни и физички лица, кои ги познаваат одликите на градот и околината, со своите автентични трудови да придонесат кон креирањето на производ, кој ќе го отсликува карактерот на градот заради зголемена промоција“, соопштува Општина Куманово.
Наградата за сувенир на градот изнесува 100 илјади денари и поделена е во два дела. Авторот за идејата и вложениот труд се наградува со 30 илјади денари, а останатите 70 се наменети за производство на одредена количина на сувенирот, односно одреден број на предмети по барање на Општина Куманово.
Материјалот на изработка мора да е стабилен и еколошки прифатлив- керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил итн. Предложеното идејно решение мора да е прилагодено за масовно производство.
„Ова е традиционален начин со кој Општината поддржува идеи и автентични трудови за креирање на производ кој ќе го отсликува карактеристиките на градот, а е изработен од занаетчии, академски или наивни уметници и ракотворци“, стои во соопштението.
Конкурсот трае до 5 декември 2025 година.

