Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младинскиот кошаркарски клуб Куманово (МКК) е казнет со рекордни 400.000 денари и 4 натпревари без публика по инцидентот на натпреварот против тимот на МЗТ Скопје, кој се одигра во салата „Перо Наков“ на 17 мај, кога навивачи нападнаа играч на домашната екипа.
Казната е изречена поради влегување на терен на неслужбени лица на полувремето и прекин на натпреварот, поради отстранување на публиката од салата кој траел подолго од 5 минути.
„Од пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, комесарот за натпреварување ги донесе следните одлуки: настап без публика на домашен терен на 1 натпревар - плеј оф, втор натпревар од серијата подобар од 3 за третото место против екипата на КК „Работнички АД", за сезона 2024/25 година“, стои во објавата на Кошаркарската федерација.
Останатите три натпревари без присуство на публика на домашен терен ќе се ефектуираат во текот на следната сезона за 2025/2026 година.
Инцидентот се случи за време на третиот меѓусебен дуел од полуфиналето на плеј- офот на шампионатот помеѓу МКК Куманово и МЗТ Скопје. Тој бил предизвикан од домашни навивачи, кои незадоволни од играта на локалниот тим влегле на теренот по завршувањето на првото полувреме и се обиделе физички да се пресметаат со играчите на МКК Куманово.
Натпреварот заврши со победа на гостите и конечен резултат од 61:88, со што актуелниот шампион МЗТ Скопје оствари трета победа од 5 натпревари и се квалификуваше за финале.
Во досегашниот тек на првенството МКК Куманово плати 67.000 денари, за инцидентот на натпреварот против КК „Феникс 2010 АД“ во ноември, 2024 година и 32.000 денари за мечот против тимот на „Чаир 2030 АД“ на почетокот на април. До сега, кумановчани одиграле 4 натпревари без присуство на домашната публика.