Ревијално возење на мотори низ Куманово во рамки на кампањата за користење заштитна опрема
Утре со почеток во 19 часот ќе се одржи ревијално возење на мотоцикли, четирицикли и други слични возила низ улиците на Куманово, како дел од кампањата за користење на заштитна опрема во сообраќајот.
Возењето го организацира Отсекот за превенција при СВР Куманово, Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при Општина Куманово и Мото клуб „Мечки“.
„Целта е преку дружење и едукација да се подигне свеста за важноста од користење соодветна заштитна опрема, особено задолжителното носење заштитна кацига при управување со мотоцикл“, соопштуваат организаторите.
Настанот ќе започне од градскиот плоштад, каде што е предвидено собирно место за сите заинтересирани учесници. По стартот ќе се вози по најфреквентните улици во градот, по што моторџиите ќе се вратат на плоштадот.
Во рамки на настанот ќе биде прикажана видео-презентацијата „Безбедно на мотор – носи кацига!“, а на учесниците ќе им бидат поделени промотивни и едукативни материјали за безбедноста во сообраќајот.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на мотоциклизмот да се приклучат на настанот, кој ќе понуди дружење, забава и едукација на градскиот плоштад во Куманово.