Се бара поскапување на автобускиот превоз, одлуката ќе оди на доработка
Превозниците кои вршат општински линиски превоз во Куманово бараат зголемување на цената на билетите.
Раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг-Спасовска, на последната седница на Советот на Општина Куманово, рече дека барањето трае подолг период и се темели на зголемените трошоци за работа на компаниите, бидејќи последната корекција на цените била направена во 2019 година.
„Ова е на барање на превозниците. Сите сме сведоци дека дојде до зголемување на минималната плата, цените за одржување на превозните средства, регистрацијата, маслото, гумите и нафтените деривати. Од тие причини сметаме дека нивното барање е оправдано и затоа денеска е ставено на дневен ред на Советот на Општина Куманово“, кажа Ланг-Спасовска.
Според предлогот, новите цени на билетите ќе бидат повисоки за 10 и 15 денари, во зависност од линијата.
„Тарифниот систем е поделен на шест зони. Во првата зона се линиите со оддалеченост до четири километри и билетот досега чинеше 35 денари, а сега се предлага да биде 45 денари без вклучен ДДВ. Втората зона е до седум километри и билетот од 45 денари би се зголемил на 60 денари. Во третата зона цената од 65 денари би се зголемила на 80 денари, во четвртата од 85 на 100 денари, во петтата од 105 на 120 денари, додека во шестата зона, која опфаќа линии до 30 километри, цената од 125 денари би се зголемила на 140 денари“, информираше Ланг- Спасовска пред советниците.

Координаторот на советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Томица Илиќ, потсети дека Општина Куманово веќе трета година го субвенционира јавниот превоз и за тоа троши милиони евра, додека државата дополнително издвојува 45 милиони денари годишно за училишен превоз. Според него, поскапувањето не е оправдано и неговата советничка група нема да гласа за него.
„Ако Општина Куманово го субвенционира општинскиот линиски превоз, ова зголемување ќе се однесува и на училишниот превоз, што значи дека ќе се зема директно и од државата. Зошто има потреба дополнително да се плаќа и училишен превоз? Да не навлегувам во тоа колку поплаки има од нашите сограѓани за квалитетот на услугата, особено од учениците кои се возат во исти автобуси со останатите патници. Да не реагиравме ние овде, ништо немаше да се смени. Ретки се линиите на кои се пуштаат дополнителни автобуси. Голем дел од учениците сѐ уште пешачат или користат такси-превоз. Затоа размислете колеги како ќе гласате – дали ќе работиме во интерес на граѓаните или за приватни интереси“, рече Илиќ.
Советникот од „Ред за Куманово“, Југослав Спасиќ, побара во одлуката да се допрецизира дали наплатата ќе се врши по патник, како што е пропишано со Законот за комунални дејности.
По забелешките на советниците, предлог-одлуката беше повлечена на доработка.
Како што кажа раководителката Ланг-Спасовска, целта е да се овозможи поконцизна и потранспарентна расправа, бидејќи станува збор за важен сегмент од функционирањето на градот.