Мени

Се одржа јубилејната Кумановска пивтијада – приготвени 500 пивтии

19.01.2026 18:19 | Сузана Николиќ

По 25-ти пат, во ресторанот „Грација“ се одржа традиционалната гастрономска манифестација „Кумановска пивтијада“. 

Се одржа јубилејната Кумановска пивтијада – приготвени 500 пивтии

Голем број кумановци имаа можност да го дегустираат зимскиот специјалитет – пивтијата, која е обележје на празникот Богојавление – Водици. Настанот беше збогатен со пригодна културно-уметничка програма.

Кум на годинешната јубилејна манифестација беше Бобан Николовски, директор на Царинската управа на Македонија, кој се заблагодари за укажаната чест.

„Прекрасно е чувството да се биде кум на еден ваков голем православен празник. Господ така сакал, оваа година токму јас да бидам кум, прв меѓу еднаквите гости. Посебна благодарност до владиката Кумановско-осоговски Григориј, кој нè удостои со молитва и го направи настанот уште повеличествен. На овој ден сите сме еднакви и на моите сограѓани им посакувам здравје, чист разум, добра мисла и љубов, а сè друго ќе си дојде на свое место. Ќе се наредат работите како што треба и колку што сме заслужиле“, изјави Николовски.

Тој истакна дека во неговото семејство се одбележуваат сите големи верски празници и дека тоа е еден од начините да се зачуваат верата и традицијата на македонскиот народ. Според него, токму затоа е важно да се поддржуваат вакви манифестации, кои ќе се пренесат и на идните генерации.

„Кумановска пивтијада“ ја организираа здружението „Еко-гард“ и ресторанот „Грација“, со поддршка на Општина Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски им честиташе на организаторите што со толкава посветеност и ентузијазам успеале да ја одржат манифестацијата четврт век, и ја прогласи за отворена.

Еден од идејните творци, Влајко Стојчевски, сопственик на ресторанот „Грација“, вели дека манифестацијата која започнала пред 25 години денес е препознатлива не само во земјава, туку и пошироко, благодарение на квалитетот на пивтијата.

„Ja подготвуваме по наш специјален рецепт и, според мислењето на многумина, ја правиме најубавата пивтија во градот. Оваа година подготвивме 500 пивтии, кои беа послужени на гостите, а дел ќе бидат донирани на корисниците на „Порака Наша““, истакна Стојчевски.

Зоран Бојковски од здружението „Еко-гард“ нагласи дека традицијата продолжува, бидејќи пивтијата е автентичен македонски специјалитет, подготвуван од нашите предци, а целта е да остане и понатаму дел од македонската трпеза.