Мени

Се отстрануваат бараките на „Табакана“

02.03.2026 12:10 | Сузана Николиќ

Започна отстранувањето на времените објекти од локалитетот „Табакана“.

Се отстрануваат бараките на „Табакана“

Бараките ги демонтираат сопствениците, кои добиле записник од Секторот за инспекциски надзор со кој се задолжени да го ослободат просторот.

„Оние кои нема да дојдат по поканата или да постапат по решенијата во определениот рок, ќе се соочат со преземање дејствија по службена должност, согласно нашите надлежности за присилно отстранување на времените објекти“, велат од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово.

На локалитетот „Табакана“ има вкупно 53 времени објекти, од кои во функција е само мал дел.

Жителите од околните згради со години се жалеа дека поради угостителските објекти и бучавата што ја создаваат немаат мир во ноќните часови. Дополнително, поради запуштеноста на поголемиот дел од објектите, стравуваа и за својата безбедност, бидејќи таму се собирале бездомници и лица кои користат наркотични средства.

Откако започна отстранувањето на бараките, најчестото прашање меѓу граѓаните е што ќе се гради на парцелата, која е во државна сопственост. Според Деталниот урбанистички план, на оваа локација е предвидена изградба на колективна станбена зграда. Сепак, во изборната кампања градоначалникот Максим Димитриевски вети дека тука ќе се изгради детско катче, нов паркинг-простор и дополнителни зелени површини.