Мени

Печалбарите излегоа на протест пред Општина Куманово, откако Советот не расправаше за нивниот проблем

26.01.2026 18:27 | Сузана Николиќ

Кумановци кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан денеска излегоа на протест пред Општина Куманово, незадоволни од одлуката на Советот на Општина Куманово да не расправа за нивниот проблем.

Печалбарите излегоа на протест пред Општина Куманово, откако Советот не расправаше за нивниот проблем

Печалбарите побараа Советот да ја поправи грешката и да ја стави на дневен ред точката за нивните проблеми.

„Не можеме да поминеме преку тоа што не се прифати точката. Ние сме граѓани на овој град, 25 години инвестираме во него и со нашите семејства сме донеле милиони денари. Дел од данокот што го плаќаме оди во општинскиот буџет. Затоа не можам да разберам зошто претседателката и советниците ја отфрлија оваа точка. 4,8 отсто од данокот влегува во општинската каса. Требаше да се расправа по таа точка и сакаме да се знае дека Советот ни дава поддршка и тоа да се пренесе на централната власт“, изјави Жикица Миланов.

Тие ги отфрлија обвинувањата дека се искористени за политички цели и побараа локалната власт да застане зад нив во остварувањето на нивните права.

„Ние бараме поддршка од сите што сакаат да ни помогнат. Бараме правна помош, било кој да ни помогне, па дури и Ирачката даночна управа, Стопанската комора, Комората на адвокати. Секој ги толкува законите како што сака и ние не знаеме што да правиме“, изјави Зоран Наковски.

Тој кажа дека нивните колеги од Хрватска, Босна и Хецеговина, Косово, Албанија, Турција немаат проблем со двојното оданочување, туку само во Македонија.

Додека траеше протестот, пред граѓаните излезе градоначалникот Максим Димитриевски, кој изјави дека ги поддржува нивните барања и дека ќе им помогне да договорат средба со директорката на Управата за јавни приходи, а преку координаторите на советничките групи ќе закаже седница на Совет. Потоа, група од неколку претставници заминаа на состанок во Општина Куманово. Исходот и договорот не е познат.