×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Новите спортски терени во градот под клуч, надлежните се правдаат дека ги штитат од вандали

    01.11.2022 13:16 | Оливера Пешевска

    Новоизградените и реновирани спортски терени во Куманово се под клуч и не се во функција на учениците и спортистите. Родителите се жалат дека децата им се играат на улица во попладневните часови и за време на викенд, затоа што спортските објекти откако се обновени не се слободни за користење.

    Новите спортски терени во градот под клуч, надлежните се правдаат дека ги штитат од вандали

    Таква е состојбата со игралиштата во oсновните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, Техничкото училиште „Наце Буѓони“, Гимназијата „Гоце Делчев“, Соколански парк, Спомен костурница и др.

     „Од мерак средено, чисто, ново, убаво ама нема веќе да чуеш викање и џагор од разиграните дечиња. Порано цело лето имаше деца кои играа кошарка или мал фудбал, па дури и натпревари организираа со гледачи и навивање од соседите и родителите, сега само ги гледаме обрачите и головите. Два пати беше отворено кога свечено се примаа првачињата и неодамна кога имаше спортски игри за дечиња со посебни потреби“, изјавува сограѓанка која живее во близина на училиштето.

    Таа додава дека нејзини две деца учат во „Браќа“, и тоа помалото е во второ одделение, но часот по физичко образование го држат во училницата, а поголемото воопшто нема физичко. Салата е резервирана за учениците од 6 до 9 одделение.

    Од Општина Куманово признаваат дека спортските терени не се достапни за децата, но тоа го правдаат поради несовесните граѓани и децата кои ги уништуваат. Велат дека мора да се подигне општата култура за да се заштити и сочува она што е наменето за здрав и активен развоја на децата и младите.

    „Од нова година сите спортски објекти ќе ги преземе ЈП „Куманово паркинг“, па очекуваме дека ќе се преземат порадикални мерки и ќе се успее во заштитата и зачувувањето на сите спортски терени. Тие се повеќе кадровски опремени, имаат доволен број на вработени да ги сервисираат потребите. Општина Куманово не може да си го дозволи тоа затоа што би требало да се вработат многу луѓе, што би чинело и многу пари“ изјавува Александар Крстевски, раководител на Одделението за култура и спорт во Општина Куманово. 

    Тој вели дека постојано се вложува во реновирање на терените, се менуваат обрачите, дури и ги заварувале и стативите на головите зашто некој се обидувал да ги тргне. 

    „Несовесни граѓани постојано ги оштетуваат. И не е проблем за штетите настанати од користење, но се работи за намерно кршење. Има случаи и кога сограѓани кои живеат во близина се жалат на галамата што се создава од децата, дали од удирање на топката, довикување меѓу соиграчите или навивање од гледачите, па намерно ноќе ги вадат за да не можат децата да играат“, објаснува Крстевски.

    Тој тврди дека секој што ќе достави барање за користење на спортските терени, со точно наведено датум и време и по нивното разгледување барањата обично се одобруваат.

    Граѓаните се согласуваат дека има многу вандали кои немилосрдно ја уништуваат спортската и урбана опрема во градот, но сметаат дека  Општината треба да најде начин да го заштити својот имот, со физичко обезбедување или видео надзор, со комунални редари и ригорозни казни,  а објектите да се дадат на користење на оние кои се наменети. 

    „Вака затворени исто како да ги нема, џабе фалење дека се вложува во спортот и рекреација на децата и младите“, коментираат родителите. 

    Останатите спортски терени во градот се запуштени и оштетени, или за нивното користење мора да се плати. Старото тениско игралиште на Градскиот кеј е руинирано, нема мрежи, оградата е искината. Тениското игралиште кај Спортската сала е добро одржувано и чисто, но не е достапно за слободно користење туку само за комерцијални цели. До него кошаркарското ја дели судбината на другите јавни игралишта во градот, без ограда и оставено на забот на времето. Единствено спортско игралиште „Кошеви“ во населбата „Гоце Делчев“ е реновирано и се користи за наменета за која е направено.