Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регулаторната комисија за домување ја одзеде лиценцата за вршење на дејноста за управувачки услуги во стамбените згради на фирмата „Станбен домар“, информираат од Општина Куманово.
„Секторот за инспекциски надзор - инспекторат, инспектор за домување ги известува граѓаните дека на управителот му е одземена лиценцата за вршење на дејности за управување со стамбена зграда согласно Законот за домување, истото претставува основ за еднострано раскинување на договорот за вршење на управувачки услуги и истиот е должен да ги исполни согласно членот 30 од овој закон. Сопствениците на посебните делови, кои имаат склучен договор за вршење на управувачки услуги со фирмата, должни се во рок од 8 дена да склучат договор за вршење на управувачки услуги со било која друга фирма за управување со стамбени згради или да регистрираат заедница на сопственици“, соопштуваат од Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово.
Од фирмата „Станбен домар“, велат дека лиценцата им е одземена незаконски и поради тоа поднеле тужба. Очекуваат дека процесот брзо ќе заврши, бидејќи законот е на нивна страна и фирмата ќе продолжи со работа.
„Лиценцата ни е одземена по анонимна пријава на група граѓани, што е нелогично бидејќи може било кој да поднесе преставка. Како ќе се утврди дали е тоа точно тоа што го навеле подносителите ако не се потпишани со име и презиме. Ние воопшто не бевме известени дека се води постапка, туку дознавме дури кога ни беше врачено решението на 26 февруари. Не знаеме која е позадината на сето ова, но сигурни сме дека ќе се реши во наша корист“, велат од фирмата „Станбен домар“, која постои од 2015 година и има над 3.000 коминтентни.
Од Секторот за инспекциски надзор апелираат до граѓаните пред секое склучување на договор за вршење на управувачки услуги, да ги проверат регистрите на веб страната на Регулаторната комисија или да се консултираат во Инспекторатот за домување.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk