Мени

Стенд-ап фестивалот „Четвртак у 9“ по третпат во Куманово

21.04.2026 10:34 | KumanovoNews

Куманово и годинава ќе биде домаќин на стенд-ап фестивалот „Четвртак у 9“, кој по третпат ќе ја обедини публиката и најпознатите комичари од домашната и регионалната сцена.

Стенд-ап фестивалот „Четвртак у 9“ по третпат во Куманово

Третото издание на фестивалот ќе се одржи во текот на мај, а посетителите ќе имаат можност да проследат четири тематски вечери со внимателно избрана и подготвена програма.

Оваа година организаторите најавуваат силен регионален печат, со гостувања на познати стенд-ап комичари од Србија. Според нив, токму тоа ќе придонесе за уште поквалитетна програма и богато сценско искуство за публиката.

Низ сите фестивалски вечери, како домаќини, публиката ќе ја водат актерите и комичари Мирослав Петковиќ и Мишо Димитријевски – Шипе.

Фестивалот го организираат здружението за култура и уметност „Арт Манија“ и неформалната група „Кабаре Кабает“, кои работата посветено на промоција и развој на стенд-ап културата во земјава.

Според програмата, фестивалот ќе започне на 7 мај, кога ќе настапат Чедомир Митевски и Бојан Велевски.

На 14 мај публиката ќе ги гледа Жарко Јовановиќ и Никола Силјаноски – Братучед.

Третата фестивалска вечер, на 21 мај, е резервирана за Марјан Ѓеорѓиевски и гостинот од Србија, Срѓан Олман, додека завршницата на 28 мај ќе ја одбележат Никола Тодороски и Небојша Грујиќ.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани навреме да обезбедат влезници, бидејќи интересот за фестивалот е голем. Продажбата на билети веќе е започната.

„Четвртак у 9“ е настан кој веќе традиционално нуди содржини кои се релевантни, професионално подготвени и пред сè, прилагодени на високите очекувања на домашната публика“. А едно е сигурно- ќе ви легне!

Линк до онлајн продажба на билети: https://tix.mk/event/194/chetvrtak-u-9-stand-up-festival