Уапсен директорот на Инспекторатот за земјоделство за примање мито од 50.000 евра
В.А. (41) од Кочани е приведен и против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „примање поткуп“.
Според МВР, тој како директор на Државниот инспекторат за земјоделство, од сопственик на фирма која се занимава со увоз, преку шпедитер побарал поткуп од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
„Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи, како и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати: еднаш 50.000 евра и двапати по 25.000 евра“, соопшти МВР.
На 19 март, првата рата од побараниот поткуп во износ од 50.000 евра, најпрво ја презел шпедитерот за да му ја предаде на В.А.
„По примањето на парите од страна на В.А., преземени се оперативно-тактички мерки и активности, а врз основа на издадени наредби извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите биле пронајдени и одземени“, информираат од МВР.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на В.А.
В.А. е потпретседател на Социјалистичката партија, а за директор беше поставен во јули 2024.