Ученички од 11 „Октомври“ освоија прва и трета награда на Државен натпревар по пеење
Милица Миловановиќ и Елиф Ајдаровска, ученички во Основното училиште „11 Октомври“ од Куманово освоија прво и трето место на Државен натпревар по музичко, во категоријата вокална интерпретација, кој викендов се одржал во Свети Николе.

Двете на државниот натпревар стигнале со максимален број од 100 поени од квалификациониот регионален натпревар.
„Среќни и задоволни сме од постигнатиот успех, не паметам дека до сега училиштето постигнало вакви резултати. Двете ученички се навистина талентирани, вљубени во музичкиот израз и вредно работеа и вежбаа за да се покажат во најдобро светло, и секако да го презентираат училиштето“, посочува менторот, професор Игор Трајковски.
Милица Миловановиќ која освои прво место е ученичка во 7 одделение, а гласовите на жирито и симпатиите на присутните ги собрала со интерпретација на темата на Витни Хјустон, од филмот „Телохранител“ (My heart will go on). Паралелно со редовните часови, посетува и настава во Музичкото училиште „Панче Пешев“ во Куманово. Менторот за неа вели дека не постои друга опција за понатамошно школување и насочување во животот, освен во музичката дејност.
Елиф Ајдаровска е ученичка во 8 одделение, и таа освоила трето место со нумерата „Тажна љубов, среќна песна“. Таа се уште се премислува, не е сигурна за плановите за иднина, но има доволно време да одлучи и избере до уписите во средно, кои ја очекуваат следната година.
Натпреварувањето го организирало Здружението на музички педагози на Македонија.