УЈП: До 31 март е рокот за поднесување на пресметки и докази за плата за работа во странство за 2025
До 31 март е законскиот рок за поднесување на електронска пресметка и доставување соодветни докази за остварениот доход за граѓаните кои во текот на 2025 оствариле доход од работа (плата) во странство, соопшти Управата за јавни приходи (УЈП).
Физичките лица, даночни резиденти на Македонија, кои во текот на 2025 оствариле доход од работа од странство, се должни преку системот е-Даночни услуги да поднесат електронска пресметка за доход остварен од странство на: https://e-jp.ujp.gov.mk/ureg/login.seam.
УЈП вели дека обврската за поднесување електронска пресметка постои без разлика дали данокот во странската држава е платен или не е платен.
Даночните обврзници кои оствариле доход од странство имаат обврска истиот да го пријават и заедно со пресметката да достават и соодветни докази (докази за остварен доход и доказ за евентуално платен данок во странство). Кон електронската пресметка задолжително се прикачуваат соодветни докази: потврда од исплатувачот, извод од банка, договор за извршени услуги, платни листи, потврди за исплатен доход, како и други релевантни документи со кои јасно се потврдува видот, износот и периодот на остварениот доход од странство, како и евентуално платениот данок во странската држава.
Детални насоки за постапката на пријавување, начинот на пополнување на пресметката, плаќањето на данокот и примената на договорите за избегнување на двојно оданочување се достапни на линкови на страната на УЈП.