Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уставниот суд ја укина Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план во Куманово, бидејќи оценил дека има отстапки во постапката за донесување на одлука, кои претставуваат повреда на начелото на владеењето на правото, предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
„Уставниот суд на денешната седница ја укина Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. „Б.С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул.„Прва петолетка“ и ул.„Миле Кипра“- Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24ха, со технички број 18/18 од јули 2021, изработен од ДУПИ Планерис ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, донесен со Одлуката бр. 09-9525/41 од 28.12.2021 година, број 09-4569/3 од 6 јуни 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово“ број 9 од 07.06.2023 година), донесена на 6 јуни 2023 година од страна на Советот на општина Куманово“, соопштуваат од Уставен суд.
Во одлуката се вели дека суспензијата на Деталнот урбанистички план е донесена во спротивност со членот 23 став 6 од Законот за урбанистичко планирање.
„Согласно Законот, по претходно добиено мислење од министерот за транспорт и врски, барателот на мислењето, односно Општина Куманово изработува стручен елаборат. Во конкретниот случај добиеното мислење не е во насока за донесување на оспорената одлука за суспензија, бидејќи Општината не успеала преку стручниот елаборат за суспензија да докаже постоење на штета по јавниот интерес“, стои во образложението на судот.
Оттаму велат дека, конкретно, во мислењето од надлежниот министер за транспорт и врски се наведува дека стручниот елаборат на општината не содржи конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес, која е воочена во текот на спроведување на планот.
Урбанистичкиот план кој е суспендиран со оспорената одлука на Општината, е донесен на 28 декември 2021 година.
Mнозинството во Советот на Општина Куманово, од партиите ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, го суспендираа ДУП-от во јуни 2023 година, со образложение дека е загрозен јавниот интерес, иако само 18 месеци пред тоа беше изгласан од истите членови без никакви забелешки. Советниците од коалицијата на СДСМ тогаш обвинија дека градоначалникот Максим Димитриевски се пресметува со инвеститорите на штета на општината и граѓаните.
Иницијативата до Уставниот суд ја поднесоа сопствениците на градежните фирми „УПМ-ГРУП“ и „ХРОМАК Емил“ од Куманово, кои водат судска постапка против Димитриевски за злоупотреба на службена положба. Тие велат дека штетата во оваа и во други постапки поради суспензијата на ДУП-от е околу два милиона евра.