Мени

Утре ќе се знае кои министри ќе бидат сменети, најави Димитриевски

23.06.2026 14:24 | KumanovoNews

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, еден од коалициските партнери во Владата на Христијан Мицкоски, кажа дека утре да се донесе конечната одлука за реконструкција на Владата. Тој веќе имал две средби и разговори со премиерот и работните групи, но клучната средба ќе се одржи утре.

Утре ќе се знае кои министри ќе бидат сменети, најави Димитриевски

„Утре ќе имаме нова средба и на таа средба ќе биде донесена конечната одлука. Како и да е, односите меѓу коалициските партнери се на највисоко ниво и сметам дека многу објективно ги согледуваме состојбите и потребите, бидејќи власта треба да се прилагоди кон потребите на општеството и граѓаните. Во спротивно е само власт, а ние немаме намера да бидеме само тоа. Ќе се посветиме да бидеме во функција на граѓаните, и секогаш сме подготвени да ги бараме сопствените грешки и пропусти“, кажа Димитриевски.

На прашањето дали ЗНАМ ќе ги задржи истите министерски и директорски места што досега ги има во Владата , Димитриевски, кажа дека засега разговараат само за министерските ресори и сите опции се отворени.

„Треба да се слушнат сугестиите на владините партнери, но секако да се согледаат и сондажите и анализите на граѓаните, колку тие се задоволни од реализацијата на проектите во одредени ресори. Ние не разговареме само за местата во ЗНАМ, туку  за сите места во Владата, и реализацијата на владината програма во изминатите две години“, додаде Димитриевски. 

Запрашан дали тој има забелешки за работата на Владата или е целосно задоволен, кажа дека во некои ресори можело да биде подобро.

„Јас го кажав тоа отворено на премиерот и на владините партнери. Како и да е факт е дека оваа Влада ја презеда државата во една многу тешка состојба, во минус.  Сега сме на позитивна нула и сметам дека работите одат во позитивна насока. Но, секако во многу ресори може да се работи подобро. Притоа е потребна и самомотивација на менаџерите, но и самосвест за оние кои се во системот, трганувајќи од себе па до највисоките владини претставници“, кажа Димитриевски. 

Во однос на барањето на СДСМ за предвремени парламентарни избори наредната година, смета дека опозициската партија тактизира, и ќе се повлече доколку им се удоволи на барањето. Кажа дека ЗНАМ е подготвена за изборите, но тој е против, затоа што при секои избори има неколкумесечен застој во развојот на државата.