Владата прогласи кризна состојба од 30 дена поради пожарите
Прогласена е кризна состојба во земјава поради зголемана појава на пожарите, во траење од 30 дена, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева по завршувањето на седницата на Владата.

Оваа одлука е донесена по денешните состаноци поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи да се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, кажа Митева.
Таа рече дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја заради спречување поголеми последици.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани.