Влора Ибраими нова директорка на „Пазаришта“
Влора Ибраими е назначена за нова в.д. директорка на ЈП „Пазаришта“.

Ибраими по професија е економист, работела во сопствено приватно претпријатие, била асистент на Тетовскиот универзитет, како и помошник-директор во јавното претпријатие „Трегу“ во Липково. По стапувањето на новата функција, прв приоритет ќе и биде внатрешната организација и евидентирањето на реалната состојба во претпријатието.
„Ќе спроведам детална анализа на функционирањето, кадарот и најитните потреби, со цел да преземам ефикасни и одржливи мерки за подобрување на работата. Имам подготвено првичен план кој предвидува реструктурирање на трошоците, идентификување на алтернативни извори на финансирање, како и унапредување на транспарентноста и ефикасноста во услугите со цел зголемување на приходите. Соработката со надлежните институции ќе биде клучна во овој процес. Соработката со Општина Куманово е од исклучително значење. Имаме поддршка од градоначалникот Максим Димитриевски, како и институционална поддршка и континуирана координација за реализација на заедничките цели и подобрување на услугите за граѓаните“, изјави Ибраими.
Таа на функцијата доаѓа како претставник на коалицијата ВЛЕН, но вели дека независно од политичката припадност, нејзиниот ангажман ќе биде строго професионален, насочен кон интересите на граѓаните и ефикасното функционирање на претпријатието.
Ибраими доаѓа на местото на Гзим Кадриу кој си поднесе оставка, поради тоа што неговата партија излезе од владејачката коалција на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.