Мени

Ќе се формираат граѓански еко-патроли за почисто Куманово

17.11.2026 12:30 | Сузана Николиќ

Здружението „Еко Акцијаши“ ќе формира граѓански еколошки патроли, кои се грижат за подобрување на хигиената и зачувување на природата и животната средина во Куманово.

Ќе се формираат граѓански еко-патроли за почисто Куманово

 Граѓанските еко-патроли ќе функционираат како доброволна мрежа на граѓани кои сакаат да придонесат за почиста, поздрава и поуредена општина.

„Секојдневно сме сведоци на бројни еколошки проблеми во нашата општина – фрлање отпад на несоодветни места, создавање диви депонии, загадување на јавните површини, уништување на зеленилото и недоволно развиена еколошка свест и култура. Но, промената нема да дојде само со чекање некој друг да го реши проблемот. Таа започнува од нас – од граѓаните“, велат од Здружението.

Нивните задачи ќе бидат да ги забележуваат и пријавуваат еколошките проблеми, да укажуваат на неправилно фрлање и оставање отпад, да придонесуваат за подигање на еколошката свест кај граѓаните, да учествуваат во еколошки акции и акции за чистење, како и да иницираат и поддржуваат активности за заштита на природата и животната средина.

Предвидена е и соработка со училиштата, месните заедници, институциите, здруженијата и граѓаните, а членовите на патролите треба да бидат пример за одговорно однесување кон природата и јавниот простор.

„Веруваме дека Куманово може да биде почисто, поуредено и еколошки посвесно место за живеење. За тоа ни се потребни активни граѓани, луѓе кои не само што ќе го забележат проблемот, туку и ќе помогнат во неговото решавање. Приклучете се кон „Еко Акцијаши“ и помогнете да изградиме граѓанска мрежа која ќе биде будна, активна и одговорна кон животната средина“, додаваат од Здружението.

Во еко-патролите можат да се вклучат граѓани од сите возрасти, без разлика дали се ученици, студенти, пензионери или други заинтересирани лица.

Заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса: [email protected].