Стојковски: Во недела ќе направиме историска промена во Куманово
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро, ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и, како што рече, да направат избор кој ќе влезе во историјата на градот.
 
                  „Ги повикувам сите граѓани масовно да излезат во недела да гласаат, бидејќи имаат избор. Се надевам дека во недела ќе бидеме сведоци на уште еден историски момент, по кој Куманово повторно ќе расне, ќе се обновува и ќе живее“, изјави Стојковски.
Тој потсети дека во изминатиот период граѓаните имале можност да слушнат два различни концепта.
„Едниот тврди дека е потребен континуитет – кој трае од 2008 година наваму. Актуелниот градоначалник од 2008 година е или советник, или претседател на Совет, или градоначалник, и вели дека треба да продолжи истиот курс. Резултатите од тој континуитет сите ги гледаме. Од друга страна, јас барам дисконтинуитет – време е граѓаните на Куманово да бидат бренд. Доста е од човек што се знае, нека дојде човек што сака да работи и да учи“, рече Диро.
Стојковски им се заблагодари на сите граѓани кои го поддржаа во првиот круг од изборите, како и на оние што гласале за другите кандидати, истакнувајќи дека „со тоа потврдија дека демократијата живее во Куманово“.



 
                   
                   
                   
                   
                  



