Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Оркестарот на основното училиште „Христијан Карпош“ од Младо Нагоричане освои второ место на државниот натпревар на училишни оркестри, што се одржа минатата недела во малата сала на Македонската филхармонија во Скопје.
Во оркестарот членуваат 12 ученици од 6 до 9 одделение, а она што го издвојува нивниот настап е специфичниот состав на инструменти – блок флејта, триангал, дајре и тарабука. Со скромна инструментална поставеност, но со голема посветеност, учениците од Младо Нагоричане успеаја да се искачат на врвот, надминувајќи конкуренција од 11 оркестри од градови низ цела Македонија, меѓу кои Битола, Прилеп, Струмица, Крива Паланка, Берово, Струмица, Скопје.
„Сите се чудеа како освоивме толку поени со три ударачки инструменти од четири вкупно. Успехот е уште поголем со оглед на тоа што нашите ученици немаат формално музичко образование надвор од училиштето, за разлика од другите учесници кои посетуваат музички школи со години“, изјави нивниот ментор, професорот Милош Алексиќ.
Оркестарот во овој состав постои од септември 2024 година. За само осум месеци, учениците успеале да постигнат висок степен на синхронизираност во изведбата. На натпреварот ја изведоа композицијата „Пчела“ од Франц Шуберт како задолжителен дел, а за слободниот избор се претставија со македонската традиционална песна „Билјана платно белеше“.
До државниот натпревар стигнале преку регионалниот, каде што освоија 97 поени – еден повеќе од потребниот минимум за квалификација.
Зад нив во целост застанало нивното училиште и директорот Младен Јовановски, кои обезбедиле превоз на учениците и ја платиле потребната котизација.
Професорот Алексиќ најави дека оркестарот ќе продолжи со работа и во иднина, нагласувајќи дека кај учениците постои голема мотивација и музички талент.
„Навистина е огромно задоволство да се работи со нив. Иако немаа предзнаења, брзо ја совладаа задачата. Радоста што ја доживеаја кога дознаа дека се второпласирани – таа беше непроценлива“, додава Алексиќ.
Натпреварот го организарало Здружението на музички педагози на Македонија.