Мени

„Хероите живеат вечно“ - панихида и турнир во мал фудбал во спомен на загинатите полицајци во Диво Насеље

09.05.2026 09:40 | KumanovoNews

Со панихида, полагање цвеќе и меморијален турнир во мал фудбал, денеска во Куманово ќе биде одбележана годишнината од загинувањето на осумтемина полицајци во Диво Насеље.

„Хероите живеат вечно“ - панихида и турнир во мал фудбал во спомен на загинатите полицајци во Диво Насеље

Денеска се навршуваат 11 години од нападот во Диво Насеље, кога на 9 и 10 мај 2015 година, при извршување на службената должност, беа убиени полициските службеници: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

Во 10:00 часот ќе се одржи панихида во Соборниот храм „Св. Никола“, а во 11:00 часот ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на СВР Куманово. Во 12:30 часот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ ќе започне Меморијалниот турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“.

На турнирот ќе учествуваат екипи од Единицата за брзо распоредување (ЕБР), САЕ „Тигар“, Посебната единица за поддршка (ПЕП), СВР Куманово, СО на СПМ при СВР Куманово, граѓанското здружение „СИЛА“, како и гости од збратимениот Синдикат на српската полиција – Регионален центар Врање.

„Настанот не е само спортски, туку претставува силен чин на сеќавање, почит и достоинство. Сите сме обединети во една заедничка цел – да го зачуваме споменот и да ги продолжиме вредностите што тие ги оставија зад себе. Нивната жртва не е заборавена, а нивното дело нè обврзува. Овој ден не е само ден на сеќавање, туку и ден на солидарност“, велат организаторите Синдикална организација на СПМ од СВР Куманово.