Затворени 15 објекти кои продавале небезбедна храна на ученици
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење дејност на оператори со храна, во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во изминативе десетина дена.
Како небезбедни, запленети и уништени се 696 килограми храна со сомнителен квалитет и потекло од непознати добавувачи.
„Акцентот на контролите беше ставен на објектите и операторите со храна кои се наоѓаат во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде што учениците најчесто купуваат храна. Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори пуштале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски услови, а 26 од контролираните објекти воопшто не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ.
Исто така, 16 оператори немале имплементирано процедури за добра хигиенска и добра производствена пракса, а 32 немале спроведено задолжителен здравствено–санирачен преглед на вработените. Тројца оператори не извршиле задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а седум објекти не ги исполнувале техничките услови за вршење дејност. Кај седум оператори е затечена и несоодветно означена храна“, соопшти АХВ.
За утврдените неправилности изречени се парични казни за 77 оператори, во вкупна вредност од 36.470 евра во денарска противвредност. Издадени се и 103 решенија со наредби за отстранување на неправилностите, како и 23 опомени.
(фото. архива)

