ЗНАМ: Време е за разоткривање на лажниот патриот и неспособниот политичар Мартин Костовски
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов на прес конференција, одговори на обвинувањата на Мартин Костовски, нарекувајќи го лажен патриот, неуспешен политичар и криминално-поврзан послушник на СДСМ, кој нема направено ниту едно дело за граѓаните.

„Овој човек ја започнува својата кариера со седење во кабинетот на побратимот Зоран Давидовски – Циц, градоначалник на Куманово. Костовски преку ноќ станува пратеник, а потоа и директор на ЈП Службен весник. Наместо да го почитува Уставот, тој стана алатка за негово уривање. Истовремено, Костовски објави Закон за употреба на јазиците без потпис на Претседателот на државата, што претставува директно кршење на Уставот и тешко кривично дело – злосторничко здружување и напад врз уставниот поредок на државата. Истиот човек ја легализираше капитулацијата на Македонија преку објавување на таканаречениот Преспански договор повторно, без потпис на Претседателот, спротивно на законот. Овој е лажен патриот – гласен само кога треба да се продадат националните интереси, молчи кога треба да се зборува за криминал, сиромаштија, невработеност и за понижување на македонскиот народ“, рече Мемов.
Тој додаде дека Костоски немал ниту визија ниту пак некаков успех, но дека имал цела армија на вработени роднини и пријатели, платени од народните пари.
„Дозволете да ви ја претставам фамилијарната шема на Костовски: мајка – вработена во ЈП „Пазаришта“, тетка – вработена во Министерството за одбрана, кои се во пензија, сопруга, вработена во Општина Куманово, а потоа префрлена во Министерството за надворешни работи. Кумашини, кумови, пријатели – низ државни институции и јавни претпријатија… Кумот, советникот, жената на кумот, во градинка, другарите, професорите и директорите, сопругите, тетките и браќата- сите згрижени преку преговори. Цела фамилија на грбот на народот. Ова беше владеење на самото Куманово во минатото, приватна мафија на буџетски платен список“, рече Мемов.
Тој посочи дека македонскиот народ не заслужувал ликови како Мартин Костовски.
„СДСМ ќе доживее политички крах во Куманово. На претстојните локални избори, СДСМ нема да биде казнет, туку ќе биде избришан од политичката мапа. Затоа што народот памети, народот гледа и овој пат народот ќе зборува преку гласачкото ливче“, подвлече портпаролот.