×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Автобускиот превоз сардисан од проблеми, корона кризата дојде како капак на сè

    06.10.2020 09:53 | KumanovoNews

    Празна чекална со по некој граѓанин што набрзина ќе го купи својот автобуски билет на билетарата и веднаш ќе се упати кон пероните. Ваква е сликата на автобуските станици во државата.

    Автобускиот превоз сардисан од проблеми, корона кризата дојде како капак на сè

    Ги нема вообичаените гужви на патници, а поради празните перони граѓаните речиси е невозможно да го промашат автобусот за патување кон својата дестинација. Службените лица на влезот на пероните како никогаш досега имаат многу малку работа. Само по некој патник ќе го подаде својот билет за контрола. Автобусите полупразни заминуваат од скопската автобуска станица кон крајните дестинации, пренесува Мета.мк

    „Намалувањето на бројот на патници споредбено со истиот период лани од 01.01-31.08.2019 и 01.01-31.08.2020 година изразено во проценти е намалување од 70 отсто во републичкиот превоз и намалување за 85 отсто во меѓународниот превоз на патници“, објаснуваат од „Руле турс“ за тажната состојба во која моментално се наоѓа автобускиот превоз во земјава.

    Огромното намалување на бројот на патници што дојде со појавата на корона вирусот силно ги погоди автотранспортните компании. Одлуката за воведување на долгите полициски часови си го направи своето, а особено владината мерка за ограничување на бројот на патници со исполнетост на возилата до максимум 50 отсто од вкупниот капацитет на автобусите и комбињата. Владата на 11 август дозволи ублажување на мерката, со можност автобусите да возат кон своите дестинации со исполнетост од најмногу 75 отсто од бројот на седишта.

    Тие стравуваат од повторно разгорување на епидемијата на ковид-19 во земјава, а со тоа и од построги мерки на властите кои треба да го спречат ширењето на вирусот.

    Корона вирусот и драстичното опаѓање на бројот на патници е последниот од низата проблеми со кои автобуските превозници се соочуваат во изминативе неколку години. Нелојалната конкуренција од дивите таксисти, стариот возен парк, порастот на бројот на граѓани што ги користат своите автомобили за патување се предизвици кои стојат пред нив, а како критична точка лани се покажа и трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци во која животот го загубија 16 патници.

    Дивите таксисти се множат, автобусите возат празни

    И за време на ковид кризата, дивите таксисти остануваат најгорливиот проблем со кој секојдневно се соочуваат автобуските превозници. Просто е невозможно да се пристапи до скопската автобуска станица, а од некое ќоше да не излезе човек којшто нуди такси превоз низ градот, но и до дестинации како Куманово, Охрид, Тетово, Велес… И граѓаните и автобуските превозници ги знаат местата во главниот град каде што стојат дивите таксисти. На автобуската постојка кај Соборниот храм во центарот на Скопје може да се качите во комби или автомобил што ќе ве одвезе до Тетово, а кај Бит-пазар има автомобили што нудат превоз за Куманово или Велес.

    „Во моментов околу 60 отсто од постоечките патници се возат со дивите таксисти кои плаќаат во готово без фискална сметка, се возат со возила без лиценца, возат возачи нелиценцирани, непријавени во работен однос и само прават приходи кои не се евидентираат, возат возила уште постари од автобусите и тоа технички неисправни“, накратко и прецизно ја опишуваат од „Руле турс“ актуелната состојба со дивите таксисти во земјава.

    Покрај тоа што општинските инспектори се надлежни за казнување за нелегалните таксисти во градовите, за меѓуопштинскиот превоз одговорен за казнување на дивите превозници е Државниот инспекторат за транспорт. Тие велат дека во склоп на своите капацитети преземале мерки, но проблемот не можат да го решат со само 12 инспектори што ја покриваат целата територија на земјата. Од Државниот инспекторат за транспорт велат дека општините ги издаваат лиценците за вршење на такси превоз, па ако општинските инспектори се вклучат во казнување на дивите таксисти, тогаш проблемот полесно ќе се реши.

    Сите овие инспектори имаат надлежност да вршат контроли во патниот сообраќај, вклучувајќи ги и дивите таксисти, на кои треба да им се одземаат возилата и да им се пишуваат казни. Се поставува прашањето дали бројот на инспектори е доволен за земја во која според податоците на Државниот завод за статистика, лани биле регистрирани 3.144 автобуси со кои се организирал јавниот превоз низ градовите, но и меѓуопштинскиот, меѓународниот и организираниот превоз на патници. Дополнително, не постои официјален податок за бројот на дивите таксисти што сообраќаат меѓу градовите.

    Статистичките податоци покажуваат и дека просечната старост на автобусите што сообраќаат во патниот превоз лани изнесувала 18,1 година. Причина за сообраќањето на полнолетен возен парк е увозот на половни автобуси и комбиња од странство. Царинската управа на РСМ само лани регистрирала увоз на 217 половни автобуси од странство, што е за 12 пати повеќе во споредба со бројот на новопроизведен возен парк што бил доведен во земјава во 2019 година.

    Автобуските превозници за велат дека енормно високата цена на новопроизведените автобуси е основната причина поради која се одлучуваат да увезуваат половни автобуси од странство. Покрај нелојалната конкуренција од дивите таксисти, тие ја набројуваат и цената на автобуските билети која доведува до тоа да е економски неисплатливо да се увезат нови автобуси.

    „Решение е можно доколку државата изнајде начин за субвенционирање при купување нови автобуси“, велат од компанијата „Руле турс“.

    Доколку државата ги остави автобуските превозници сами и понатаму да се снаоѓаат во организацијата на превозот, се чини дека ќе нема позитивен исход од решавањето на напластените проблеми. Одговорност за многу недостатоци, како што е претовар на патници во автобусите или нередовно одржување на линиите, имаат и автобуските превозници, но на крајот одговорноста за контрола на ваквите девијантни појави мора со прст да се впери кон надлежните институции.