МОН обезбеди 10 илјади таблети за учениците во социјален ризик

21.08.2021 11:34 | Сузана Николиќ

Министерството за образование и наука (МОН) набави и дистрибуираше до училиштата таблети за ученици од четврто одделение од семејства во социјален ризик.

МОН обезбеди 10 илјади таблети за учениците во социјален ризик

Од вкупно 10.000 уреди, до сега се подигнати вкупно 3.000 таблети. Со набавувањето на оваа опрема во училиштата се прават подготовки за новата учебна година, со која во пракса започнува и имплементацијата на новата образовна Концепција за основно образование. Таа предвидува осовременување на образовниот процес, односно учениците од прво и четврто одделение ќе учат по целосно нови наставни програми и од нови материјали за учење, чија подготовка е во завршна фаза.

„Во наставата во четврто одделение, новина е што предност ќе се даде на дигиталните учебници, кои ќе бидат само една алатка повеќе за успешно совладување на материјалот. За таа цел, МОН обезбеди таблети кои се наменети за учениците од социјално ранливи семејства. На овој начин, овозможуваме еднаков пристап на сите ученици до користење на современи средства за учење, односно даваме можност мултимедија при учењето да користат и учениците кои поради финансиски потешкотии тоа не можеа да си го дозволат порано“, соопшти МОН.


Новите наставни програми треба да обезбедат поголема интерактивност за време на наставата и да го поттикнат креативното и критичко размислување кај учениците. Инаку, сите промени се предвидени со новата Концепција за основно образование усвоена преку широка јавна дебата при што предвид е земено мислењето на сите засегнати чинители, а особено и на експертската јавност.

Имплементацијата на новата Концепција започнува етапно и е предвидено целосно да се воведе во деветолетката во следните 5-6 години.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk