×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Велосипедски патеки на една коловозна лента на „Трета МУБ“ и „Октомвриска“, предвидува Планот за урбана мобилност

    24.03.2021 14:18 | KumanovoNews

    Една коловозна лента на најголемите сообраќајници да се користи како велосипедска патека, предвидува Планот за одржлива и урбана мобилност, кој е нов концепт за урбанистичко планирање на Куманово.

    Велосипедски патеки на една коловозна лента на „Трета МУБ“ и „Октомвриска“, предвидува Планот за урбана мобилност

    Со него се овозможува поголема мобилност на граѓаните, повеќе пешачки коридори, велосипедски патеки и затворање на дел од централното градско подрачје, заради намалување на возилата, со цел да се добие поздрава животна средина.

    „Кружната велосипедска патека ќе почнува од кружниот тек на влезот во градот, ќе се протега долж булеварот „Трета МУБ“, ќе се спои со „Октомвриска револуција“ до Стара Бања, а ќе продолжи со кружното движење по булеварот „Октомвриска“, улиците „Доне Божинов“ и „11 Октомври“, и ќе заврши на кружниот тек. Тоа е првиот дел од продирањето на велосипетските коридори, а потоа ќе следат другите фази, бидејќи ова е стратешки документ, кој се планира од 2020 до 2030 година, со ревизија на секои 5 година“, изјави Емилија Сларидис - Јаневска, раководител во Секторот за урбаниозам во Општина Куманово.  

    Овој проект ќе се спроведе на постоечките сообраќајници, што практично значи дека една коловозна лента ќе биде велосипедска патека, а другата ќе ја користат моторните возила.

    „Конвенционалниот начин на планирање се фокусира на прилагодување на сообраќајниците на возилата, што значи колку повеќе ги шириме сообраќајниците, толку повеќе возила добиваме. Со новиот начин на планирање треба на постојните сообраќајници со нивен редизајн да се добие повеќе простор за пешаците и велосипедистите. Тоа значи дека едната лента ќе се користи за потребите на велосипедистите, по принципот на Град Скопје, кои веќе имаат донесено План за одржлива урбана мобилност“, кажа Сларидис - Јаневска.

    Куманово е една од петте пилот општини во државата, каде се работи на изработка на овој план, а експертите кои се вклучени во негова изработка се надеваат дека брзо ќе се имплементира. Во изработката на Планот за одржлива урбана мобилност, со свои предлози учествуваа и граѓаните кои можеа да дадат свои сугестии и мислења.

    „Во овој дел имавме 3000 испитаници во различни фази и со различен пристап, затоа јас верувам дека ќе успеат кумановчани да ги почувствуваат резултатите и да се издигнат на едно ниво на повисок ранг, кога е во прашање урбаната мобилност. Сакам да кажам дека епидемиолозите најавуваат дека и во иднина ќе имаме вакви епидемии и тоа покажува дека ова е уште една додадена вредност за Општина Куманово, затоа што во такви услови треба да се фаворизира немоторизираниот превоз, односно пешачењето, велосипедизмот и добрата организација на јавниот превоз“, изјави проф. д-р. Јасмина Буневска-Талевска, од Техничкиот факултетот во Битола, која е оптимист дека реализацијата на решенијата ќе биде наскоро.  

    Изработката на планот е започната во 2019 година, денеска беше одржана јавна презентација на нацрт планот, кој не е конечен документ, туку може да претрпи и промени, по што ќе следи уште една презентација и усвојување од Советот. Станува збор за стратешки документ врз основа на кој ќе се развиваат пешачкиот и велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз во Куманово, а ќе се користи за добивање на средства од фондови од ЕУ и други донатори.

    (С.Николиќ)