×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Уметноста треба да „врисне“ на цел глас и да се сподели

    12.12.2020 23:00 | KumanovoNews

     Мојата желба не се поклопуваше со замислите и плановите на татко ми кој постојано ме одвраќаше од мојот животен „сон“ велејќи ми: „Ма как`в уметник, инжињер да бидеш - човек да бидеш“. Јас припаѓам во онаа група што верува во сопствените дарби, ама до успех неминовно мора да има комплетна посветеност, беспрекорно многу труд, континуирана, упорна, дури и исцрпувачка работа. Вообичаено, никој не е врач во своето село. Така и моите првични пофалби и признанија беа од надвор ама се уште во поранешната држава.

    Уметноста треба да „врисне“ на цел глас и да се сподели

    Долг период се залажував дека нештата ќе мрднат од маѓепсаниот круг, а ќе бидам среќен да доживеам за десеттина години да се насети духот на новото сега, - вели нашиот сограѓанин, уметникот Гоце Божурски, кој ни открива каков е уметничкиот живот, каде наоѓа инспирацијата, од што зависи уметничкиот процес, но и за сопствениот уметнички пат.

    Да ве вратиме на Вашиот почеток. Која беше првата слика која ја насликавте, дали уште како мал знаевте дека ќе станете ликовен уметник?

    Уф, уф, откако паметам, отсекогаш сум си замислувал да бидам уметник. Да бидам искрен, јас дури и не се воодушевував на приказните и басните туку на цртежите во сликовниците и се чудев какви ли се тие што ги нацртале. Еее, си велев, кога би дошло време и јас да можам да нацртам нешто слично. Но, тоа никогаш не се поклопуваше со замислите и плановите на татко ми кој постојано ме одвраќаше од мојот животен „сон“ велејќи ми: „Ма как`в уметник, инжињер да бидеш - човек да бидеш“. Дури ниту наговарањето на Момчило Аврамовски, мојот професор во осмолетката не помогна. Така, кога летото, организирано преку школо, бев заедно со помалата сестра Светлана, сега покојна и брат ми Јовица во детското одморалиште во Суто море, без моја волја, татко ми ме запишал во средно техничко училиште, каде што бев одличен ученик, ама без никаков мерак и склоности во таа струка. На одморот ги направив првите две слики на платна со маслени бои кои ми ги даде мојот вујче Трајан, сликар, подоцна и правник. Е, тој вистински ме инфицира за сликарство и ми беше поддршка, а заслужен е што го убеди татко ми да се запишам и да дипломирам современа историја на уметност и да стекнам знаења од оваа област. Единствено тоа лето 1973 година, всушност мислев дека сум главен „фраер“ меѓу девојчињата во одмаралиштето па се правев важен. Сепак, првата вистинска слика со наслов „Беше толку убава“ , тоа е омилена слика на сопругата, ја направив 1983 година за време на отслужување на воениот рок во Врање каде што ми дадоа и атеље во Домот на ЈНА.

    Дали Вашите дела се резултат на моментална инспирација или подолготраен процес? Кое дело го имате сликано подолго време?

    Нештата кои се случуваат во даден миг се минливи, менливи и непостојани, површни и беззначајни во контекстот на траењето, континуираноста,... вечноста. Но, тие се важна алка во акумулирањето на емотивна исполнетост и креативната енергија. Сметам дека целокупниот творечки процес е во силината на чувствувањето, на внатрешната креативна нужност која е во дирекна врска со одредена фасцинација и целосна обземеност од нештото што е околу себе и како таа креативна предлошка се трансформира и пресоздава. Моќта и обусловеноста на двата аспекти, вклучувајчи ја вештината, знаењата и искуствата во практицирањето и оживотворувањето на инвентивните сензации можат да ја направат ликовната творба уметничко дело, иако и тоа не може во целост едноставно да се објасни. Во таа смисла, неопходно е, всушност, нештата да се видат не онакви какви што тие се, туку онакви какви што навидум не се, а какви што уметникот ги видел и доживеал. Значи, тоа мора да биде сосема субјективно, ново иновативно доживување и видување кое поседува автономност, целосно вграден личен естетски и препознатлив израз кој поседува високи ликовни вредности. Времето на создавањето на ликовната творба не е директен конституенс за вредност и секогаш сликите кои настануваат побргу и не се „измачувани“ се подобри. Но, иако многу ретко, имало слики кои стоеле недовршени и созревале додека се ефектуирале низ повеќемесечен/повеќегодишен процес.

    Вашите дела имаат пропатувано низ повеќе земји. Какви се реакциите на публиката таму, а какви овде? Дали Вашата уметност се доживува на различен начин овде и надвор од државата?

    Вообичаено, никој не е врач во своето село. Така и моите првични пофалби и ласкави признанија беа од надвор ама се уште во поранешната заедничка држава Југославија. Дури, еден наш познат кумановски уметник се изненадил кога слушнал дека во Белград во некои уметнички и критичарски кругови ме знаат и ценат. Да споменам дека извесен период јас во својство на ликовен критичар-соработник од Македонија објавував во најугледното белградско месечно, па тромесечно списание „Ликовни живот“.

    Бидејќи сте истакнат уметник, што сметате дека е пресудно за еден уметник да ја доживее својата „слава“, дали е доволен само талент или е потребно и нешто „повеќе“?

    Јас припаѓам во онаа група што верува во сопствените дарби, ама до успех неминовно мора да има комплетна посветеност, беспрекорно многу труд, континуирана, упорна, дури и исцрпувачка работа. Впрочем, како и во било која друга струка. Талентот треба да се сфати само како предиспозиција и наклонетост кон одредена активност која треба да се самооткрие и натамошното делување да се насочи во посакуваната насока. Кога одамна бев млад, веројатно и како повеќемина, си замислував слава, но како созревав сфатив дека најважно од се е исполнетоста и задоволството од самиот творечки процес и среќата што ја дава успешниот уметнички продукт. Без дилеми, не како утеха за степенот на „славата“, сепак најважно од се е создаденото, кое е вредно единствено онолку колку што тоа всушност е самото за себе. Ако тоа е достојно како вредност, во даденото време и не мора да биде препознаено и прифатено, ама во некоја иднина, поради сплет на други околности и услови може да биде откриено.  Тоа значи дека нешто „повеќе“ е шминката која има оправдување да биде вградена единствено ако се има добар продукт, во денешно време со скапо платена реклама и интернационална кампања може да се дојде до ефект, но ако е без покритие тоа ќе биде со краток здив и на крајот ќе заврши со фијаско...а уметничката вредност постои само ако таа во себе самата содржи вредности кои ја надживуваат епохата.    

    Дали сликањето за Вас е однапред смислен процес или оставате несвесното само да Ве води?

    Постојат уметници и уметност која се потпира на спонтаниот, неконтролиран, секундарен, непредвидлив, импулсивен и темпераментен процес. Но, интересен е коментарот на еден бугарски колега Минчо Минчев во контекстот на моето творештво и се поизразената спондилоза од начинот на сликање: „Еми, така, нешто мора да боли – некои ги боли раката, а тебе главата“.

    Како да се раздвижи ликовната уметничка сцена за да се направи подобра побарувачка на нашиот „пазар“, за да може еден уметник да заработува токму од она за што првенствено е талентиран?

    Еее, кога би било тоа лесно и едноставно. Јас шеснаесет години бев во Министерството за култура како советник за ликовна дејност, но се испостави дека и јас толку долг период се залажував дека нештата ќе мрднат од маѓепсаниот круг, дека ќе се оттргнеме од мртвата точка. Помина повеќе од една година откако замре мојата верба, така што сега моите убедувања се повеќе се песимистички. Како и во се друго, поради целосната општествена и вредносна ерозија, релативизација и девалвација, јас би бил среќен да доживеам за десеттина години барем само да се насети духот на новото сега, за полесно разбирање, ќе го наречам, европско време. Тоа, пред се, значи комплетно менување на нашата поединечна и колективна свест и сеопфатна реформа на економската, социјалната и општествената логика. Дури ни евентуалното брзо подобрување на материјалната моќ нема да значи заборавање на старите „маки“ на творецот. Хиперпродукцијата и конгломератот на квазивредности до тогаш уште повеќе ќе кулминира, така што ќе преживеат/преживуваат само најдобрите автори од поедини дејност, како што сега единствено се бараат способни, стручни, компетентни и успешни кадри во одредени области. Кога уште понагласено на цена ќе бидат добрите/вредните работници, мајстори и занаетчии, дури тогаш ќе дојде и времето на добрите, на квалитетни уметници, глумци... Инаку, од овие вториве, ќе мора некој да премине во претходната групација, а тука мислам и на оние кои, без да заслужат, веќе се вдомиле во институциите.  

    За сликарството исто како и за актерството се вели дека е голем психички зафат кој паралелно нужно предизвикува и преобразба на личноста. Дали кога сликате некои слики Вие целосно станувате она што го сликате и го живеете истото?

    Ова Ви е вистинското прашање. Многупати толку се исклучувам од опкружувањето и се предавам во сликарството, што откако по некое време ќе се освестам се запрашувам самиот дали воопшто сум дишел. Кога е искрен, тој процес е магичен, незаменлив и неспоредлив...уживанција.

    Како изгледа еден ден на Гоце Божурски во неговото атеље?

    Ретки се тие денови, а и ноќи само за ателје, а и не е арно, ниту пак ќе е квалитетно да е постојано така. Нели, цело е кога има се. Откако поголемата внука Софија наполни скоро три години, често сликаме заедно. Веќе неколку години е заинтересирана, ама очигледно и надарена. Помалата внука Гала, иста така од синот Виктор и снаата Марија Миљуш, допрва пројавува склоност. Здравје, нека порасне малку и внукот Ноа Дада од ќерката Кристина и зетот Ивица Димитријевиќ, па ќе видиме кон што ќе пројави талентираност - можеби пак ќе „сврти“ кон глума или музика, на татка си. Порано си велев дека кога ќе дојде време за внуци, поарно ќе ангажирам некоја бебиситерка за да не губам време од сликарството, а сега едвај чекам да си ги земам внучките, да си отидеме заедно – јас на кафе, тие да си пијат сокче со некоја крканција во „Ла Вита“, па љуљанција, игранција, шетанција...Во контекст на атељето и творештвото во таа смисла, единствена предност можат да имаат само моите внуки.  

    Вие имате еден симболичен наслов на една од вашите слики „Нека ѕвони на цел глас“, што сметате дека треба да ѕвони на цел глас?

    Кога 2003 година престојував во “Cite International Des Arts” во Париз дојде до извесни промени во естетиката во моите претходни слики кои кореспондираа со етнофолклорното поднебје во тематско-мотивска смисла, а имаа носталгичен и традиционален, меланхоличен и иконистички штимунг кој го карактеризираше милузлива поетика на просторот. Во градот на светлината и љубовта бев фасциниран од мноштвото, условно речено графити, односно врежани имиња и срциња на sидовите. Оттаму отпочна новиот циклус во кој фонот на сликата сега има доминантно поважна улога иако повторно се провлекува по некој сликан предмет. Ако се изземе веристичкиот третман и материјализацијата на објектот на претставувањето, тогаш новите слики дури можат да се набљудуваат и како апстрактно-енформелски ликовни сензации со интимистичка, лирска и поетска провиниенција во која вибрира љубовен изблик. Е, токму тоа е спиритуалниот лајт мотив кој не може да егзистира „заробен“ и да се чува во себе, туку има потреба да се сподели и да се „врисне“ на цел глас, сличен наслов е „Клопотарец за вљубени“ и др.

    Во Вашето ликовно творештво се застапени елементи од фолклорот и минатото на нашето поднебје, дали сметате дека творештвото на еден уметник никогаш нема да успее да им избега на „канџите“ на традицијата?

    Традиционалното не смее да се сфаќа и доживува како конзервативно и анахроно, туку да се тежнее кон негова конзервација и реставрација. Дури и во ерата на постмодернизацијата и глобализацијата, посебноста локална и регионална е видлива низ нечија традиција, може да се модифицира и да добие современо руво.

    Дали сметате дека уметноста може да го спаси светот?

    Камо среќа да може, но иако нема таква моќ, сепак преку естетски и критички јазик може да укажува и позитивно да влијае кон свесност за одделните проблематики и аномалии.

    Бидејќи Вие во Вашето творештво, постојано ги обработувате темите на интимниот „допир“ со посакуваната Мадам, на која и` го нудите своето срце или пак само една калинка, колкав дел зазема љубовта во творештвото на еден уметник?

     Творците имаат обичај, дури и помодарски милуваат во тој контекст да ја истакнат улогата на партнерката, но најчесто тоа не се однесува во инспиративна смисла, туку повеќе во поддршката која е неопходна. Така и јас од сопругата Вацка имав разбирање, а тоа посебно од сегашна временска дистанца може да се согледа како нејзино целосно преземање на грижата околу растењето на Виктор и Кристина и се што е поврзано со домаќинството. Конкретно, љубовта, во сите нејзини варијации, амплитуди и интезитети, за мене е највозвишеното чувство без кое животот нема никаква смисла. Љубовта и сакањето, во многу широк, возвишен, совршено чист нирванистички контекст и во моето творештво, особено е видливо низ остварувањата во последвиве две децении. Тие импулси, вибрации и треперења се содржани и во сликите. Оттука е и мотото на последната самостројна изложба: „Љубовта е гоолема  куќа, а љубените покуќнина„

    За крај на интервјуто, како Вие се гледате по завршување на професионалната кариера т.е по пензионирањето? Кои се Вашите планови?

    Останува да напишам уште неколку книги/монографии за некои уметници и појави во нашата современа уметност. Здравје, уште две години и најчесто ќе сум во мојата викендица и ателје во Пелинце, ќе следат повремени патувања низ светот, а таквите планови единствено ќе бидат откажани поради потребите на моите сегашни и идни внуки/ци а понатаму правнуци и чукунвнуци.

    Фросина Марковска