×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бегај назад и викај ВМРО

    Филип Јаневиќ

    Тешка и мачна беше изминатата недела за ДПМНЕ. Прво Бети хистерично ја објаснуваше својата невиност за сомневањата за криминал при изградба на Музејот на ВМРО, потоа Богоевски во едночасовно интервју буквално ги растресе до темел и таман кога режимот помисли дека барем викендот ќе биде мирен, еве ти го Диме Спасов кој се погрижи да ги дотепа до крај. Тешка недела за режимот, убава за слободоумниот граѓанин.

    Но заради просторот да се задржиме на последниот случај со Спасов кој во суштина ни дава една ренген снимка на профилот на личности кои ги гаи оваа партија.

    Диме Спасов не е ништо друго туку профил на личност кој е обликуван од страна на ДПМНЕ и што е најважно профил на личност кој ДПМНЕ го посакува за сите нас. Најубаво би било сите ние да бидеме како Диме. Вечно благодарни на партијата затоа што таа дава вработување, таа нуди напредување, ако си на линија на партијата можеш да бидеш промовиран како експерт за се и сешто, да имаш фунција и општествен статус кој во нормални услови би бил крајно недостижен, со еден збор партијата нуди живот. Аналогно на тоа партијата е живот и се што не доаѓа од партијата т.е животот треба да се презира затоа што штом е надвор од партијата тоа значи и дека е против животот.

    Диме Спасов ги рипна сите можни скалила и стигна на највисокото, стана Министер, не благодарение на него, не заради тоа што поседува некои квалитети, туку благодарение на партијата и ништо друго. Диме тоа го знае. И затоа така рефлексно, фројдовски, во тие клучни моменти Диме се поништил самиот себе како човек и отишол во прегратките на партијата, да го спаси и извлече од калта во која сам се турнал. Човече, што ли само размислувал во моментите кога бегал накај партијата по паркови и темни улици? Министер бега како последен олош по темни сокаци и се крие во замочани ќошеви. Диме си направи она што ја го нарекувам самоубиство во самоодбрана. Политички, професионално и пред се човечки. Штитејќи го него, со теории на заговор, ДПМНЕ се удави во чорбата кој им ја запржи Спасов. Се пока дека каменот стварно од блиску доаѓа.

    Погледнете го само тоа соопштение со кое го бранат Спасов. Го бркале Албанци...поврзани со СДСМ... Потребата постојано да се бара некој друг виновник, неспособноста да се преземе одговорност, и партиска и индивидуална, само покажува дека ДПМНЕ го третира народот како стадо кој треба да голтне се што му сервира партијата, затоа што партиската верзија на настаните е она вистинската. Догма која никогаш не треба да биде доведена во прашање макар и кога се измислуваат приказни на кои и Спилберг може да им подзавиди.

    И овие денеска се нарекуваат наследници на историското ВМРО? Затоа, еве најавувам дека како дел од новата Влада по 11 Декември, ЛДП ќе поднесе предлог закон за забрана за употреба на името ВМРО во името на било која политичка партија. Време е конечно да раскрстиме со некои небулози.

    ПРЕДИЗБОРНИ ИГРАНКИ

    Во колумна за KuNews уште на 14 март напишав " Знаејќи дека наредните избори се живот или смрт за мафијашко-тендерската банда она од што најмногу се плашат е предизборна македонско-албанска коалиција. На тој начин така здружени опозициските партии би имале многу повеќе од потребните 62 пратеника за формирање Влада. Дополнително со формирање на десничарски блок од Достоинство, партијата на Љубе, Фродем и сл, ДПМНЕ дополнително ќе колабира. "

    Таа македонско-албанска колалиција не се оствари во формат на кој сме навикнати помеѓу политички партии, но сепак си го најде својот пат, преку индивидуи, преку интелектуалци, додека пак во десничарскиот блок иако преку тројански коњи и великодушни пакет аранжмани ДПМНЕ со сите сили се обидува да го спречи истиот, процесите на окрупнување се почнати и назад нема. Затоа толку ги боли интервјуто на Богоевски, затоа што им удри по националистичката карта која е нивен главен адут. Погледнете дури и за обична пијанка на нивниот министер, од ДПМНЕ посегнаа токму по таа карта за лошите албанци поврзани со СДСМ кои го бркале Спасов.

    ДПМНЕ е веќе 10 години на власт и тоа не се малку години. Веќе покажуваат кадровска истрошеност, безидејност, а јавните настапи им се сведени во објаснување и правдање дека не се криминалци и лопови. И некако имам впечаток дека така ќе си продолжат до 11 декември. Веќе на 12ти декември, е моментот за збогување. Меѓутоа како што е редот, нема да ги пуштиме да си одат без подарок. Еве на пример некои пругасти парчиња гардероба први ми паѓаат на памет како соодветен подарок за таа пригода.

    Филип Јаневиќ Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*