×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бугарија на пат да извојува перфектен триумф по Орвелов рецепт

    Бране Петрушевски

    Преку договорот со Бугарија, самиот чин на прифаќање на ревизија на нашата историја, што де факто значи признание дека е фалсификувана, е прва голема победа на Бугарија во преку 150 годишниот спор. Овој чин е наш печат и потврда на сите великобугарски хегемонистички тврдења.   

    Целиот назив на овој договор е Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, инаку потпишан во 2017 година. Тотално промашен договор, ако се земе во предвид дека денес ниту сме поголеми пријатели, ниту подобри соседи, ниту имаме поголема соработка со Бугарија. Но, уште пострашно е што овој лош договор од билатерален спор, неспособната дипломатија на чело со Османи и Маричиќ го направи мултилатерален спор со Европската унија, преку негово вклучување во преговарачката рамка.  

    За да овој дипломатски дебакл биде поголем, Владата испрати катастрофална и нелекторирана еднострана декларација за македонскиот јазик, која воопшто не е базирана на научни факти. Се избегнало да се наведе фактот дека македонскиот јазик се официјализира на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Всушност, откако го избришаа АСНОМ од Уставот, Владата бега од него како „ѓавол од темјан“. Свесно, или несвесно е изоставено дека литературата на македонскиот јазик се создавала пред 1945 година - преку преродбениците низ средниот век, па се до 19-ти век. И она за што реагираше целата стручна јавност е невистината дека дијалектите на македонскиот јазик постојат само во границите на денешна Република Македонија, изоставувајќи ги непобитните факти дека дијалекти на македонскиот јазик има во Грција (Егејска Македонија), Бугарија (Пиринска Македонија), во Гора (Косово), Мала Преспа и Голо Брдо (Албанија) и јужните крајни делови на Србија. Не верувам дека е несвесно, но сублиматот на двете еднострани изјави на Македонија и Бугарија е дека македонскиот јазик е создаден вештачки по 1945 година од западно-бугарскиот дијалект, што перфектно се вклопува во великобугарските хегемонистички тврдења.

    Со цел комплетирање на предавството, власта се погрижила и ревизијата на историјата да влезе во преговарачката рамка. Веќе напишав, едно е да преговараме билатерално само со Бугарија, а многу посериозно е ревизијата на историјата да ни биде критериум за напредување низ преговорите со ЕУ. Колку и да се правда Владата дека некаква историска комисија ќе ги утврдува историските факти, добро познато е дека членовите на таа комисија се избрани од Владата и ќе имаат сериозен притисок за да ги прифатат бугарските барања. Или поедноставено, ако не прифатат, да речеме, дека Гоце Делчев е Бугарин, ќе следува вето од Бугарија. За Владата да не дозволи да им пропадне цел овој процес ќе врши огромен притисок комисијата да го прифати тоа. И така ќе биде за целата епопеја на ВМРО и неговите дејци, па се до случувањата заклучно со Втората светска војна. 

    Како кумановец, особено сум револтиран што ваквиот пристап ги издава меѓу другото и народните херои од Куманово, кои своите животи ги положиле во борба со бугарскиот фашистички окупатор, не администратор како што велеше Заев, а пред се: Христијан Тодоровски Карпош, Перо Георгиевски Чичо, Боро Менков, Киро Нацев Фетак, Бајрам Шабани и многу други.

    Она што дополнителни иритира во целава ситуација е што Владата бесрамно лаже за некаков реципроцитет. Со т.н. Протокол, Бугарија не го признава македонскиот јазик, а не ние бугарскиот; Бугарија нема да менува Устав за вметнување на Македонците, ние треба да менуваме; Бугарија ги оспорува македонските историски великани, а не ние нивните; Во суштина, Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, а не ние бугарскиот.

    Сума сумарум, Бугарија со помош на внатрешните предавници е на пат да извојува перфектен триумф по Орвелов рецепт:

    "Најефикасниот начин да се уништи еден народ е да му се негира и избрише разбирањето на сопствената историја."

    Затоа хуман чин е овој Договор и т.н. Протокол со Бугарија да биде поништен и да се спречи неговото спроведување.

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*