×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Крајно време е за ДУИ во опозиција, па одговорност

    Бране Петрушевски

        Во сферата на политиката, битката помеѓу постигнување на идеално општество, од една страна, и неговата ерозија предизвикана од корупцијата, од друга страна, е постојана борба. За жал, секогаш има случаи кога одредени политички партии, преку институциите, кои треба да му служат на јавниот интерес, се заплеткуваат во корупциската мрежа. Изминатиот период активно се трудам да фрлам светлина врз политичката партија ДУИ, која го изгуби својот пат, подлегнувајќи на привлечноста на моќта, богатството и неетичките практики. Преку сериозно испитување на нивните постапки и политики изминатите дваесетина години, станува јасно дека оваа партија ги изневерила самите принципи за кои тврди дека ги поддржува.
        Оваа корумпирана политичка партија неуморно тежнее(ше) кон воспоставување доминација и контрола врз сите власти во државата (законодавна, извршна и судска), еродирајќи ги контролните механизми (checks and balances), кои претставуваат основа на просперитетна демократија. Сведочиме како ДУИ е главната партија во власта, додека СДС им е само помал коалициски партнер. Си поставија партиски Јавен обвинител за организиран криминал, иако сериозни реакции имаше и одвнатре и однадвор. Да не ги наведувам судиите или останатите правосудни ешалони каде ДУИ има неприкосновена доминација. Правилото на Бадинтер им дава моќ за уцени и раководење на парламентот само за свои партиски интереси. Користејќи измами, притисок врз гласачи и изигрување на законите за финансирање на кампањите, тие настојуваат секогаш вагата да превагне во нивна полза, наместо да стимулираат фер и транспарентни избори. Манипулираат со изборниот систем, замолчувајќи ги гласовите на оние кои се осмелуваат да ја оспорат нивната хегемонија и така одржуваат доминација во албанскиот политички кампус во Македонија. Никогаш не дозволиле квалитетна и реална дебата за промена на изборниот модел, бидејќи им оди во штета на нивните пратенички пресметки.
        Високата корупцијата е длабоко навлезена во редовите на ДУИ, навлезена во нивните секојдневни практики и политики, без да има потреба за тоа да не известува американската држава. Владеат преку непотизмот и кронизмот (партиските вработувања), па членовите на партијата се наградуваат со влијателни позиции исклучиво врз основа на лојалност, а никако по компетентност. Јавните пари наменети за благосостојбата на граѓаните се трошат за да се полнат џебовите на партиските елити, кои купуваат компании и трговски центри на атрактивни локации по градовите, додека суштинските услуги кон граѓаните се заборавени. Само еден пример во нашиот град, Куманово, каде ДУИ и по дваесетина години власт не успеа да изгради нормална зграда за гимназијата на албански јазик, туку нашите сограѓани Албанци учат во супстандардни услови. Да не зборам за условите во руралните училишта, здравствените услуги или комуналната инфраструктура токму во делови од градот каде претежно живеат Албанци.  Нивните себични постапки ја поткопуваат самата цел за постоење на власта и ја изневеруваат довербата што им ја дава електоратот.
        Еден од највознемирувачките аспекти на оваа корумпирана политичка партија е нивното бесрамно непочитување на одговорноста. Тие поминуваат неказнето, заштитувајќи се од контрола и избегнувајќи ги последиците за нивните коруптивни постапки. Тие манипулираат со судскиот систем, задушувајќи ги истрагите за нивните криминали, но и штитејќи ги своите сојузници од соочување со правдата. Оваа култура на неказнивост ја сроза довербата на јавноста во правдата и правичноста.
        Со потклекнување кон корупцијата, ДУИ ги поткопа темелите на демократијата во Република Македонија. Секогаш давајќи приоритет на личните интереси пред благосостојбата на граѓаните, ги уништија демократските вредности, како што се транспарентноста и интегритетот. Оние кои мислат различно се потиснати, а нивните опозициски партии систематски ги ослабуваат или делат преку низа политички маневри. Постапките на оваа партија не само што се штетни за сегашноста, туку претставуваат значајна закана и за демократската иднина.
        Соочени со распространетата корупција, императив е граѓаните да останат будни и да бараат одговорност од политичките партии за своите постапки. Корумпираната ДУИ застрани далеку од демократските принципи, изневерувајќи ја довербата пред сѐ на своите поддржувачи, на кои требаше да им служи. Мораме да ја препознаеме важноста на моментот и на следните избори да се даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ да дојде до 61 пратеник, за да се избегнат уцените на ДУИ, како и активно да се поддржат опозициските политички партии од албанскиот блок кои вистински би се стремеле кон подобрување на општеството. Крајно време е за ДУИ во опозиција, крајно време е за нивна одговорност за криминалите. Само со демаскирање и борба против корупцијата ќе можеме да дојдеме до политички пејзаж кој вистински ги застапува интересите на луѓето.

    Бране Петрушевски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*