По сè што се случи изминативе години, и како град и како држава, време е да го промениме пристапот. Политиката не смее да биде алатка за лични амбиции, туку средство за колективно добро. Убеден сум дека СДСМ, како партија со државотворен карактер и долга политичка историја, има обврска – и можност – конечно да покаже зрелост и визија. А тоа почнува токму од Куманово.
Како некој што во изминатите години гласно и аргументирано го критикуваше СДСМ за нивното владеење – и на централно и на локално ниво – не го пишувам ова лесно. Моите критики беа искрени, понекогаш остри, но секогаш со намера да се поттикнат одговорност и подобрување. Но, исто така, сум човек што знае да препознае кога некој се обидува да се менува. Овојпат гледам знак на надеж – дека и во СДСМ има луѓе со капацитет, визија и добра волја да се направи вистински чекор напред.
Куманово, како најголема општина во Североисточниот регион, заслужува повеќе од симболичен избор. Овојпат, потребен е кандидат(ка) што ќе биде надпартиски во духот и во делото – човек што нема да биде заложник на интересите на партијата, туку гласник на интересите на граѓаните. Некој што знае да разговара и со млади и со стари, со образовани и обични, со оние што останале и оние што сакаат да се вратат. Кандидат(ка) кој не носи партиска значка на реверот, туку став во градите. Да не бега од критички мислења, дури и да ги бара. Кандидат(ка) со изграден интегритет, со биографија која зборува сама за себе, за кого не треба да се гугла професијата или факултетот.
На претходните локални избори видовме што значи политичка самодоверба без критична свест. Под слоганот „Магаре да вржемо и оно ќе победи“, СДСМ се впушти во изборен натпревар без реална проценка. И народот денес , и јас целосно се согласувам со тоа, вели: „Изедева га стап.“ Тоа беше момент на потценување на граѓаните, а особено на младите, кои токму поради ваквите постапки чувствуваат гајле помалку за политиката. Но се уште не е доцна.
Ако СДСМ сака да покаже дека учи од своите грешки, треба да покаже и храброст. Да излезе со кандидат(ка) кој ќе биде симбол на достоинство, комуникација и визија. Да го стави општото пред личното. Да ја врати емпатијата кај младите, но и довербата кај сите разочарани. Овојпат Куманово не бара чудо – бара нормалност. Бара образование, чист воздух, урбан ред, достојна локална администрација. Но пред сè, бара човек кој ќе знае дека градот му е работодавец, а не имот.
Ако постои политичка волја, и ако се води од јавниот интерес, СДСМ може да го направи вистинскиот избор. А тогаш, конечно, Куманово ќе добие тоа што одамна го заслужува – лидер, не фигура.
Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*