×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    ДУИнг бизнис

    Бране Петрушевски

    Колумнава врска нема со познатиот извештај за условите за водење бизнис (Doing Business) на Светската банка, кој од минатата година го прекинаа со објавување. Колумнава всушност е за една политичка партија која ја раководи Владата на Република Македонија заедно со „помалиот“ партнер СДСМ. 

    Оваа политичка партија во Владата го има „првиот вицепремиер“, кој по моќта што ја демонстрира е поголем од премиерот, и покрај Министерството за надворешни работи ги држи и клучните ресори поврзани со економијата: Финансии, Економија, Образование и Животна средина и просторно планирање... Сите ресори поврзани токму со водењето бизнис, па оттука и насловот „ДУИнг бизнис“. Деновиве оваа партија прослави 20 години како се на власт, па комотно можеше да ја искористат паролата „20 години ДУИнг бизнис“.

    Секој ден од овие нешто повеќе од година и пол како сум во Собраните се запрепастувам од она што таму се случува. И за да ги раскажам сите фрапантни ситуации ќе ми треба роман од 10-тици томови. Но, можеби ќе биде доволен и еден пример за да го илустрирам  начинот на кој како по правило функционира власта на чело со ДУИ.
     
    Имено, постои Закон за игри на среќа, каде е дефинирано дека државната лотарија може да основа трговско претпријатие во кое ќе има доминантна сопственост од 51%. Многу е битен фактот дека „трговско претпријатие“ се придавка и именка во ЕДНИНА. Такво претпријатие е веќе формирано за реализација на онлајн видео лотарија и со тоа законот повеќе не и дозволува на државната лотарија да основа други трговски претпријатија. Е сега, пратеници на ДУИ поднесоа измени на Законот за игри на среќа, со кој меѓу другото бараат „трговско претпријатие“ да се замени со „трговски претпријатија“. Погодувате зошто? 
    Па ДУИнг бизнис! Државната лотарија е третата државна најпрофитабилна компанија и бидејќи се работи за бизнис од над 10 милиони евра годишно, „вечно на власт“ партијава сака да си отвори своја блиска видео лотарија. Откако ние опозициските пратеници успеавме да го изблокираме носењето на овие измени на Законот за игри на среќа, „бизнисмениве“ со нова ингениозна идеја! Пратеник од истата партија побара автентично толкување на Законот на игри за среќа и прашува дали државната лотарија може да отвори едно трговско претпријатие или повеќе трговски претпријатија. Експресно стигнува мислење од Владата, потпишано од „првиот вицепремиер“ кој случајно или не е од истата партија, во кое се наведува дека не е спорно државната лотарија да основа повеќе трговски претпријатија. Тотално спротивно на она што е наведено во законот. И да биде случајов „покомплетен“, без да се усвои ова автентично толкување државната лотарија, патем речено раководена од погодувате - кадар на истава партија, си распишува јавен повик за избор на партнер за основање на ново трговско друштво за организација на онлајн видео лотарија. Иако ниту еден единствен чекор во целава постапка не им е законски, искуството ми кажува дека ќе има нова онлајн видео лотарија во Македонија, а помалиот партнер СДСМ нема ниту глас да пушти. 

    Ете ова е еден од „приоритетните“ закони за кој власта не обвинува дека го кочиме во Собранието. Не знам како со повеќе коцкање поуспешно ќе се справиме со финансиската криза во која се наоѓаме. Ама за СДСМ - кучињата лајат, карванот си врви, а ДУИнг бизнис си цвета.

     

     

    Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*