×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Илинден во тишина: Кога симболите гласно молчат

    09.08.2025 09:03 | Емил Ташевски
    Емил Ташевски

    2 Август е повеќе од датум. Тоа е симбол на стремежот за слобода, за државност, за достоинство. Илинден 1903 и Илинден 1944 – два темела врз кои почива идејата за Македонија како држава, како идентитет, како волја на народот да биде свој на своето. Но оваа година, денот помина некако... тивко. Премногу тивко.

    Зошто годинава чествувањата беа без говори? Без пораки? Без народ? Зошто Мечкин Камен, Крушево и Пелинце зјаеја со празнини? Дали навистина толку се отуѓивме од сопствената историја, или некој свесно ја отуѓува од нас?

    Лесно е да се каже „луѓето не сакаат политика“. Но дали не сакаат политика, или не сакаат политичари кои од идеалите прават сцена за дневни пресметки? И дали не сакаат да доаѓаат таму каде што знаат дека патриотизмот ќе биде искористен за партиски поени, или уште полошо – за меѓусебни пресметки меѓу „наши“ и „ваши“?

    Истовремено, во Куманово – град кој некогаш бил симбол на отпорот и слободата – се одржуваше меѓународен натпревар на македонската репрезентација. Настан кој требаше да биде гордост, остана во сенка. Не поради спортската игра, туку поради навредливи скандирања што не ѝ прилегаат на ниту една сала, особено не на свечено отворање на нов спортски објект.

    Се поставува прашањето: Дали присуството на државниот врв беше провокација? Или можеби самото појавување на самопрогласени патриоти кои, преку навивачки платформи, шират нетолеранција прикриена зад зборот „љубов кон татковината“? Нивните изјави дека ништо не слушнале не ме воопшто изненадија. Зарем до сега не научивме дека тие се “глуви“ на секоја реакција или крик од народот.

    Но тоа не беше единствениот настан во Куманово. Паралелно со сето ова, се одржа и марш на коњаница – сценски прикажан како „комитски поход“. И немам ништо против фолклор и историско сеќавање, но прашањата сами ми се поставија гледајќи слики и видеа од настанот.

    Прво, зошто сите „комити“ јаваат коњи, кога историски е јасно документирано дека само водачите на четите и уште по некој биле коњаници? Останатите – пешачеле. Второ, зошто доминираше знамето од Вергина, кога знамето што историски ги симболизира комитите е црвено-црно? Во ниту една книга, архивски документ или мемоар од тоа време не се поврзува
    сонцето од Вергина со идеологијата и борбата на комитите. Четите на Никола Карев и Даме Груев носеле црвено знаме со ликот на Свети Никола и натпис "Слобода или смрт" кое, се извинувам ако грешам, никаде не го забележав на овој настан.

    И на крај – која традиција, всушност, се симболизираше со тој марш? Ако се работи за чествување на Илинден, тогаш прецизноста е клучна. Ако е фолклорно претставување, тогаш нека се нарече како такво. Но кога се мешаат симболи, униформи, идеологии и се ставаат под заеднички знаменосец без историски контекст, тоа веќе не е традиција – тоа е ревизија. Мора да напоменам дека организацијата беше приватна од група ентузијасти кои веројатно не можеле да го контролираат целиот настан.

    И тука доаѓа едно прашање кое тешко ме напушта:

    Зошто токму Куманово – градот на осум народни херои од Втората светска војна, град во чија близина се поставени темелите на првата македонска држава преку АСНОМ – остана со празнина? Не само физичка, туку симболичка. Нема народ, нема сплотеност, нема вистинска поврзаност со значењето на денот. Како да некој свесно го празни просторот кој треба да биде
    исполнет со историја, со емоции, со поука.

    И тоа е можеби најопасниот процес што ѝ се случува на Македонија – тивката ревизија на историската вистина, преку визуелни симболи, „народни“ настани и намерна збунетост. Кога народот ја губи врската со вистинската историја, празниците како Илинден стануваат само формалност – место на кое никој веќе не оди со срце, туку од обврска. Ако воопшто оди.

    Македонија има многу рани. Но не смее да дозволи да ѝ ја рануваат и меморијата. Илинден не смее да биде жртва на дневна политика, на историски кич или на евтин популизам. Треба да го вратиме Илинден таму каде што му е местото – во срцето на народот. Со достоинство. Со гордост. И со одговорност кон вистината.

     

    Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*