Мени

Како да не решиш ништо, а да изгледаш загрижен

13.12.2025 08:28 | Емил Ташевски
Емил Ташевски

Постои еден посебен жанр на политика што кај нас доживува подем: активност без надлежност. Во него, општинските совети со сериозен израз расправаат за прашања што по дефиниција припаѓаат на државната политика, уверени дека формата може да ја замени суштината.

Така, миграциската политика - тема што ја допира безбедноста, економијата и меѓународните односи - одеднаш може да се најде на дневен ред меѓу урбанистички планови и барања за поправка на тротоари. Ништо не ѝ недостасува, освен надлежност.

Во таа логика, декларацијата станува цел сама за себе. Не затоа што нешто решава, туку затоа што создава впечаток. Да се покаже став, без да се преземе одговорност. Да се испрати порака, без да се одговори на прашањето кому точно е наменета и што менува.

Затоа сакам јавно како што тоа го правам веќе десетина години преку ставовите искажани во колумни и објави на социјални мрежи да поставувам едноставно прашање: зошто, наместо ова, не се донесе собраниска декларација дека Република Северна Македонија не може да биде крајна дестинација за депортирани мигранти? Без локални варијации, без симболични гестови и без институционален фолклор.

Обидот темата да се распарчи по општини создава илузија на ангажман. Но, националните прашања не стануваат помали кога ќе се поделат - тие само стануваат понеодговорни. Ако проблемот е национален, тогаш решението мора да биде државно.

Тука се појавуваат и предлозите што доаѓаат од кругот на Филипче и неговите локални претставници. Луѓе што долго време управуваа со ресори каде последиците од лошите политики беа видливи, сега нè уверуваат дека сложени геополитички процеси можат да се адресираат со општински акти. Формата, очигледно, повторно ја победува содржината.

Овие иницијативи не се израз на храброст, туку на комфор. Тие дозволуваат позиционирање без ризик, став без цена и загриженост без обврска. Политика во која сите зборуваат, а никој не мора да одлучи.

А одлуките, сепак, се носат во Собранието. Деловникот тоа јасно го предвидува. Секој опозициски пратеник може да поднесе декларација. Не се бара претходна согласност, туку волја да се застане зад сопствениот став. Јавно. Со гласање што има последици.

Таму би се видело кој навистина верува во тоа што го зборува, а кој повеќе во начинот на кој тоа звучи.

Миграциите се реалност и државата мора да биде солидарна со своите партнери. Но,солидарноста подразбира и капацитет за одлука, не само подготвеност за симболични гестови. Миграциската политика мора да се темели на реалните економски потреби, институционалните
можности и безбедносните проценки.

Европската Унија веќе воспоставува механизми со кои одговорноста се пренасочува кон земјите надвор од системот. Колку подолго сме таму, толку поголема е веројатноста таа улога да ни биде наметната како нормалност.

Затоа, изборот е прилично јасен: или сериозна државна политика, или уредно спакувана неактивност. Сè друго е начин да не се реши ништо, а притоа да се изгледа загрижен.

 

Емил Ташевски, Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*