×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • SYSTEM ERROR

    Филип Јаневиќ

    Говорите на Груевски се непресушна инспирација за анализи и коментари. Последниот негов говор, а прв како поранешен премиер, по повод годишница на Унија на жени од неговата партија има да го изнаслушаме во наредните 4-5 дена, од причина што вестите на неговите медиуми само и тоа и ќе пуштаат. Актуелниов премиер најверојатно ќе има забрана за било какво медиумско појавување, да не одвлекува внимание, а и чисто да се знае кој е шериф во оваа држава.

    Некои работи најдобро се воочуваат преку споредби. Еве дел од говорот на Обама од пред некоја недела, во конгресот на САД. Ова е дел од неговиот "State of the Union" говор кој е уставна обврска на секој претседател на САД, еднаш годишно да се обрати пред Конгресот, на кој ја потенцира својата агенда и националните приоритети за кои смета дека треба да добијат внимание. Е сега, знам дека далеко е Америка и не дека сакам да се мериме, туку повеќе како споредба на политичка мисла и чувство за визија со нашиов македонски дел од пеколот.Внимавајте

    "Подобра политика не значи дека ние треба да се согласиме за се. Ова е голема земја - различни региони, различни ставови, различни интереси...Но демократијата бара основни врски на доверба меѓу нејзините граѓани. Таа не функционира ако мислиме дека сите луѓе кои не се согласуваат со нас се мотивирани од омраза. Таа не функционира, ако сметаме дека нашите политички противници се непатриоти или се обидуваат да ја ослабат Америка. Нашиот јавен живот слабее кога само најекстремните гласови го добиваат сето внимание. А најмногу од се, демократија се распаѓа кога просечниот човек се чувствува дека неговиот глас не е важен, дека системот е лажиран во полза на богатите и моќните или на некои посебни интереси".

    Колку само овие зборови, како начин на размислување, водење политика и состојба на ум се далеку од човекот што 10 години ја водеше оваа држава. Денеска Македонија е се обратно од погоре цитираното.

    Споредено, Груевизмот како систем на владеење успеа да ги раскине сите врски на доверба помеѓу граѓаните. Неговиот говор и неговата пропаганда се полни со омраза и гнев кон политичките противници кои не само што не се патриоти туку предавници од најмизерен вид кои соработуваат со странски служби здружено против Македонија. Неговите повици за одмазда на народот, за нарачани шамари покажуваат колку е само заслепен од желба за реваншизам и крв. Ако не се согласуваш со ДПМНЕ тоа не значи дека имаш поинаков став и мислење, не, тоа автоматски значи дека си против Македонија, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е Македонија, а штом си против партијата тогаш си и против Македонија. Груевски во говорот токму тоа го спомена "ВМРО е константа. Многумина тргнале против ВМРО во овие 123 години, но попусто. ВМРО и Македонија ги преживеја сите кризи, сите ултиматуми, уцени, местенки, удари". Пазете, човекот си се прогласи за наследник на Делчев, Карев, Сандански...па дајте побогу нека ја провери некој надгробната плоча во Св.Спас, Гоце сигурно едно 100 пати се има превртено.

    ГРАЃАНИ  Vs. НАРОД

    Најголем негов успех е тоа што го говори Обама во последнaта реченица "демократија се распаѓа кога просечниот човек се чувствува дека неговиот глас не е важен...,". Знаете ли дека, во својот говор пред жените од неговата партија екс премиерот го употреби зборот "граѓанин(те)" само еднаш, додека пак зборот народ(от) дури 57 пати. Да да, 57:1. Индивидуата за него никаде не постои, никаде граѓанин како самосвесна индивидуа, со свое сопствено racio, како единка различна од другите, туку само колектив, гласачка машина, или што би рекол Младенов збирштина на безрбетници...Тој се плаши од граѓанинот затоа што индивидуата размислува, критички се осврнува на работите околу него, проценува, споредува, а колективот, масата, слепо следи и не прашува многу многу дали тој што ги води оди во ендек или не. Затоа овој систем има за цел да направи гласот на просечниот човек да не е важен, како индивидуа да се чувствувате небитни, дека ништо од вас не зависи, ништо не можете да промените, да се помирите со судбината која еве, едноставно е таква каква што е, и нема тука што може да се направи. Ама не е до судбината, до системот е. Да го смениме системот, заедно како граѓани.

    Филип Јаневиќ Филип Јаневиќ, портпарол на ЛДП Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*