×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Војната е последното засолниште на неспособните

    Мартин Костовски

    ...Неколку минути молк, да гласен молк за сите оние жртви кои благодарение на разулавената човечка пасија за моќ и алчност за превласт зацрнија многу семејства, опустошија многу домови, украдоа многу иднини.

    Не знаеме кој од јавачите на апокалипсата ќе намине и блиску до нас, можеби сите четворица јавачи одеднаш!? И на момент од некој ФБ експерт, кој до вчера беше експерт за корона и вирусологија, од пред 10-тина дена е префрлен на геополитички-воено-тактички теории на спознанија за судбината на светот, па и на Македонија пред својот лап-топ. Токму таквиот “сезнајко” во кругот на пријателите или на семејството, гласно ќе викне дека беше очекувано братска Русија да ја нападне братска Украина,  па се прашува каде се сега Американците и зошто тие не ги бранат. Нормално, за таквиот “сезнајко” победникот е предвреме познат, а тоа е Путин. Од деспотот Путин зависи и нашиот опстанок и затоа не смееме да го налутиме. Опасен е кога ќе се налути, иако не би требало нас да не задева и да не покори... И такви милион празни, од срце кажани зборови, поткрепени со лудилото на лажните вести во медиумите и на социјалните мрежи, тоа е нашето секојдневие. Дали можеби сме на вратата на пеколот и гласно чукаме да ни ја отвори некој? Некако мирисот на страдањата почна да се чувствува насекаде во светот, носот не може да се затне, барем ние на Балканот добро го знаеме тој мирис.

    Од друга страна, западниот свет по којзнае кој пат го покажа своето неразбирање на паралелите, надмена инертност и колебливост, апропо бруталноста на не така далекиот Исток. Не признавајќи никакви историски аналогии, не дефинирајќи што е важно, избегнувајќи ги сеќавањата за предизвиканите трагедии, и така во круг. Никој од нив не успеа да влијае на Путин, кој своите пресудни одлуки ги донесе во херметички затворената палата во Кремљ. Не успеаја молбите, ниту заканите, па ни лекциите за слобода. Некако мораа да знаат дека нема да успеат. И сега, кога Путин својата идеја ја спроведува до крај, каков и да е исходот на тој крај, тој е застрашувачки. Кршењето и поразот на неговата војска може да го бутне од власт, и неговото царство да го раситни на мали губернии.

    Украина е претворена во ливада, чија трева ја газат џинови во борба. Стана колатерална штета на глобалното одмерување на силите на кои не им паѓа на памет да влезат во ринг и меѓусобно да ги решат отворените прашања, бидејќи се апсолутно свесни дека нема да има победник, туку само взаемен нокаут, пред мртвата публика во салата.

    И доаѓаме до констатацијата дека немаме ништо освен глобална несигурност и закана за планетарна катаклизма во која, ако не се опаметат, по трети пат во последните 120 години прво ќе изгори Европа, па потоа и остатокот од светот. Дали старата дама има сила сето оваа да го спречи и запре, испитот дали ќе се положи!?

    И сега следствено, доаѓаме до прашањето каде е нашата држава во оваа голема приказна, дали настапуваме правилно!?

    Како пратеници во македонското Собрание со 100 гласа „за“, 3 „против“ и ниту еден воздржан ја усвоивме Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, по скратена постапка. Декларацијата се состои од девет точки, со кои се осудуваат воените напади, се бара од надлежните институции да бидат во тесна координација со земјите членки на НАТО и на ЕУ за да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија.

    „Руската агресија врз Украина, како чин спротивен на меѓународното право, што ја загрозува европската безбедносна архитектура и го доведува во ризик мирот на континентот е неоправдана и претставува еклатантно кршење на меѓународното право“.

    Неколку дена претходно 140 земји во Обединетите нации ја осудија руската инвазија на Украина меѓу кои беше и Република Северна Македонија, против беа само, Северна Кореја, Сирија, Белорусија и Еритреја. Во резолуцијата, која беше спонзорирана од 94 земји, се вели дека ОН: „најсилно ја осудуваат агресијата на Руската Федерација против Украина“. Со неа се бара„Руската Федерација итно да престане да ги користи своите сили против Украина“ и
    „веднаш, комплетно и безусловно да ги повлече своите воени сили“.

    Резолуцијата не е правно обврзувачка, но е израз на ставовите на членството на ОН.

    Како Македонец, хуманист, православен по вероисповед, социјалдемократ по политичко уведување, а човек пред се, апсолутно мислам дека постапуваме рационално и одговорно заедно со остатокот од демократскиот свет. Војната никогаш не била и нема да биде решение. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете. Во 21-ви век дефинитивно оваква фарса не ни е потребна, зарем ништо не научивме од историјата.

    Искрено, не знам во кој правец ќе се движи целата ситуација, но онаа што точно го знам е како е да се биде во “real time” пекол како човечко суштество.

    Какво е субјективното чувство на секој граѓанин Украинец и чувството на младите руски војници. Нивниот степен на конфузија и неверување. Кога си пион во играта, кога си број, статистика, статистичка грешка. Играчка во рацете на стари себични и исфрустрирани медиокритети, кои глумат светски политичари, кои егоистично ги играат своите последни игри. 
    Војната е последното засолниште на неспособните. Нашите молитви од Македонија се со вас, нека победи доброто, нека победи разумот!

    Мартин Костовски Пратеник од СДСМ

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*