×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кога соседите ќе се здружат се раѓаат добри дела: Откако го уредивме просторот, подобро се запознаваме со работа и со седенки

    26.08.2023 08:48 | Оливера Пешевска

    Уредувањето на просторот пред двете згради на т.н. Сума летово станаа пример за тоа како една идеја и иницијатива и неколкумина соседи  можат  да ги помрднат работите од мртва точка и да се направи промена.

    Кога соседите ќе се здружат се раѓаат добри дела: Откако го уредивме просторот, подобро се запознаваме со работа и со седенки

    Тие се  позитивен пример во Куманово како граѓанска ангажираност и свесност доведува до почист, среден, урбан изглед на непосредната околина на станарите, но и пример за другите дека сите треба да се грижат и залагаат за општото добро.

    Идејата е на Југослав Спасиќ, професор по физичко образование и станар во една од споменатите згради.

    „Срамота е што се чудиме на обични, секојдневни, нормални работи, срамота е да се потенцираат вакви нешта. Треба сите вака да работат и да се посветат, ова е нешто најмалку што ние возрасните можеме да го сториме, затоа што ова е општо добро. Создадовме место за највозрасните, потоа за возрасните кои ги чуваат најмалите и секако за нас, работно ангажираните“, истакнува Спасиќ.

    Југослав ја имал идејата некаде од пролет минатата година. Тој не е во одборот на станари, но го претставил планот, по што добил  делумна поддршка. На почетокот соседите биле скептични, но откога виделе дека има резултати се повеќе луѓе се вклучувале во нивните акции. Така, со сопствено дело, со лична работа се инспирирале и сомничавите.

    Досега просторот е расчистен, поставени се канти за смет, затворени се дупките во бетонот кои претставувале опасност за движење.

     „Поставивме клупи, уредивме 20 метри место за седење,  а подоцна и го озеленивме просторот. Само нешто малку  остана од последниот обид на надлежните да засадат, но генерално поголем дел од зеленилото беше уништен од несовесни граѓани. Имаше и дупки во бетонот од интервенции на водоводната и канализациската мрежа , и тогаш се вклучија и почнаа да помагаат и од зградата, нашата заедница. Го осветливме просторот, поставивме рефлекторчиња кои се палат на сензор. Собравме потписи со кои соседите дадоа подршка за средување и разубавување на просторот. Потоа, поставивме и корпи за отпадоци, а сега би сакале и дислоцирање на контејнерите поставени тука“, објаснува Југослав.

    На оваа хумана идоброволна акција за почист и уредн  град , сите даваат подршка, од сите 104 станови на двете кули, некој морално, некој помога во чистење и расчистување на просторот, некој помага во засадување и одржување на зеленилото, еден сосед заварувал, друг брусел, некој фарбал-секој што може, сака и умее.  Главно се ангажирани членовите од одбор на зградата - Дејан, Бојан, Фроси, Нешо, Жике, станари во висококатниците. Сите проекти се спроведени со самофинасирање на станарите.

    Децата, пак, секојдневно уживаат во активности на отворено, возат ролери, играат тенис, бадмингтон. Досега два пати имаат органзирано и филмски вечери на кои присуствувале и пријатели, другари, роднини од други краеви на градот. Децата уживале во проекците  со пуканки, сончоглед, а постарите во дружење.

    „Дури сега повеќе се запознаваме со соседите и преку работата преку ден, но и на седенките навечер. Почнавме да се дружиме меѓу себе“, раскажува Спасиќ.

    Станарите имаат уште многу планови и желби за остварување. Се разгледуваат локации за полуподземни контејнери, а надлежните бараат решение која би била најсоодветната точка. Посакуваат да се постават и столпчиња и да се насадат повеќе дрвца, бидејќи  на 250-300 метри нема ниту едно дрвце од таа страна на улицата. Во моментот  преговараат и со сите телекомуникациски провајдери да се расчистат каблите за кабелска телевизија или интернет, затоа што сметаат дека не е убава глетката како пајажина над главата.

    „Тврдам дека нашите планови се убава замисла,  но и реално остварлива. Кога покажавме на дело дека самостојна иницијатива може да вроди со плод,  добиваме подршка и од јавните установи и претпријатија од градот. Еве,  веќе работат екипи на Водовод, да се активира чешмата-фонтана за вода. Не може само да се чека некој друг да ни ги реши проблемите, да ги задоволи нашите индивидуални потреби и да го средува просторот за нас. Поставивме и знаме од Општина Куманово и нашето национално македонско, сакајќи да потенцираме дека патриотизмот не е само да кажеш од кај си и што си,  туку и да се ангажираш за општото добро, да се чува заедничкиот имот и да се одржуваат јавните површини во интерес на сите граѓани“, потенцира Југослав.

    Професорот Спасиќ категорично тврди дека работењето во просвета е занимање, а не работа. Не си само неколку часа на работа, туку вредностите што ги предаваш на децата треба да ги покажеш и дома, и на улица,  и меѓу соседите на дело. Со последниот проект докажува дека не е само силен на зборови, туку има и желба да вложи сопствен труд.

    Тоа не е изненадување за тие кои го познаваат, бидејќи слични проекти и иницијативи спроведува и во својот работен колектив и опкружување. Но, за сите други кумановци ова е практичен пример како се сака и чува малото, соседството и воопшто градот.