Аукција на слики од Гоце Божурски за помош на семејствата во Кочани
Познатиот кумановски уметник Гоце Божурски организира хуманитарна аукција на слики, со цел да им помогне на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.
Аукцијата ќе се одржи вечерва во „Занаетчиски дом“ во Куманово, со почеток во 19:30 часот, а пред љубителите на уметноста и хуманите граѓани ќе бидат изложени 15 уметнички дела, кои ќе бидат понудени на продажба.
Хуманитарниот настан се реализира со поддршка на „Лајонс“ клубот од Куманово и Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, а сите собрани средства ќе бидат донирани за помош на семејствата погодени од трагедијата.
Божурски и претходно покажал дека уметноста може да биде силен поттик за солидарност и поддршка. Во текот на својата долгогодишна уметничка кариера, тој во повеќе наврати донирал свои дела за хуманитарни цели и помош на ранливи категории граѓани.
Меѓу позначајните хуманитарни акции е аукцијата на 20 негови слики, кога сите дела биле продадени, а средствата биле наменети за помош на слепи лица и лица со посебни потреби.
Со оваа аукција, Божурски уште еднаш испраќа порака дека уметноста не е само естетика, туку и хуманост, емпатија и подадена рака тогаш кога е најпотребно.