Мени

Без медицинските сестри нема квалитетна здравствена нега, кадарот се намалува поради ниски плати и услови за работа

13.05.2026 10:08 | Сузана Николиќ

Медицинските сестри бараат законска регулатива за професијата и поголемо вреднување на нивната работа, предупредувајќи дека бројот на кадар постојано се намалува поради ниските плати, условите за работа и недоволната почит кон професијата.

Без медицинските сестри нема квалитетна здравствена нега, кадарот се намалува поради ниски плати и услови за работа

Според Лилјана Ивановска, дипломирана медицинска сестра во Здравствен дом Куманово, специјализирана за семејна и патронажна здравствена нега и членка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, Законот за сестринство со години е „заглавен во некоја фиока“, поради што професијата не го добива местото што го заслужува.

„Ние сме еден вид на партнери со лекарите. Ако лекарот ја поставува дијагнозата, медицинската сестра е задолжена за здравствената нега, сè што е потребно пред пациентот да дојде кај лекарот и по лекувањето. Во најголем процент токму квалитетната здравствената нега влијае врз излекувањето на пациентот, па затоа нашата професија е многу важна“, вели Ивановска.

Таа посочува дека за оваа професија не е доволно само образованието, туку неопходни се и хуманост, емпатија и желба за работа со пациенти.

„Медицинската сестра мора постојано да се надоградува, потребни се едукации и усовршувања за да може да ги следи современите текови во медицината“, додава таа.

Според неа, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки вложува значително во едукацијата на кадарот, но не и институциите во кои се вработени.

„Како патронажни сестри во изминатите две децении посетувавме бројни обуки и се стекнавме комплетни знаења за работата што ја извршуваме на терен. Но, за жал, матичните здравствени институции каде што работиме многу помалку вложуваат во нашата едукација и најчесто тоа останува на лично вложување“, посочува Лилјана.

Таа смета дека младите генерации треба да имаат волја и посветеност за оваа професија, иако многумина ја избираат со уверување дека лесно ќе се вработат.

„Овој профил бара квалитет, а граѓаните тоа го препознаваат. Реакциите на пациентите генерално се последица на недовербата во здравствениот систем, која во последните години е зголемена, но се надеваме дека тоа ќе се надмине“.

Предупредува дека бројот на медицински сестри постојано се намалува, бидејќи тие не се задоволни од платите, условите за работа и од тоа колку е ценета нивната работа, без разлика дали станува збор за болнички одделенија или амбуланти. Поради тоа голем дел заминува во странство.

По повод 12 мај, Меѓународниот ден на медицинските сестри, Лилјана и нејзините колешки организираа акција за бесплатно мерење на крвниот притисок и закажување мамографија на Градскиот плоштад во Куманово.