Забрането доаѓање со мини сукњи, гол стомак, бермуди и влечки во Одделот за граѓански работи
Министерството за внатрешни работи воведува Кодекс за облекување за сите вработени и за странките кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи.
„Како институција која постојано е во служба на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува за подобра работна атмосфера и поголемо почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани, пред да дојдат во нашите простории за подигнување лични документи, пасоши или користење други административни услуги, да се погрижат нивниот изглед да биде во согласност со општоприфатените норми за јавни институции“, стои во соопштението на МВР.
Како неприфатлива облека при влез во службените простории на Одделот за граѓански работи се смета:
- премногу кратка облека (многу куси и тесни здолништа, како и здолништа несоодветни за институција, куси панталони наменети за плажа или спортски настани);
- облека што прекумерно ги открива стомакот, градите или долната облека;
- облека што вообичаено се носи во домот, на плажа или во ноќни клубови;
- тренерки и облека наменета исклучиво за спортски активности;
- облека со навредлива содржина (текстови, слики или амблеми што можат да бидат навредливи за околината);
- несоодветни обувки (влечки, папучи, кломпи, налани и апостолки).
Од МВР додаваат дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување, наменет за вработените во Министерството.